8
Во рамки на посетата на Копенхаген, директорот Горан Ангелов оствари пријателска средба во Амбасадата на Република Северна Македонија, каде беше пречекан од амбасадорот Фадил Зендели.
На средбата, заедно со директорката на Комисијата за односи со верските заедници, г-ѓа Оливера Трајковска, и митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф, се разговараше за активностите на македонската заедница во Данска, нејзините потреби, предизвици и можностите за поголема институционална поддршка.
Посебен акцент се стави на зачувувањето и негувањето на македонскиот и албанскиот јазик, културата, традицијата и духовното наследство, како и на создавањето подобри услови за образовните, културните и верските активности на нашите сонародници.
Преку отворен дијалог, координација и континуирана соработка меѓу институциите и дипломатските претставништва можеме да дадеме значаен придонес во поддршката на македонските иселеници надвор од татковината.
