Home ПРОШЕТКА ПО ГРАДОВИ

ПРОШЕТКА ПО ГРАДОВИ

Скопје некогаш може да слушнете дека го нарекуваат „градот на седумте порти“. Поради долгата историја, која влече корени уште од антиката, за градот се рашириле разни легенди врзани за неговото настанување и потеклото на неговото име. Највпечатливата е токму онаа за скопската котлина, каде се раскажува дека некогаш одамна имало голема камена тркалезна карпа која била всушност глава на маѓепсан џин. Волшебникот кој го маѓепсал бил многу зол, но, еден јунак поттикнат од неправдата која му е направена на џинот, го предизвикал волшебникот на битка и победил.

ГРАД на СВЕТЛИНАТА
Македонија – најзначајната земја крстосница во срцето на Балканскиот полуостров е сè уште неоткриена и мистична земја која гостопримливо ги дочекува сите патници кои сакаат да ги откријат нејзините тајни. Низ вековите, Македонија има зачувано богатство од природни убавини, традиционални вредности и различни култури. Во југозападниот дел на земјата се наоѓа градот Охрид – еден од најстарите и најавтентични градови на Балканскиот полуостров. Неговото античко име е Лихнид што значи – „град на светлината“. Охрид е колевка на православната духовност, па токму затоа е наречен словенскиот Ерусалим.

Како СТРУГА нема ДРУГА
За името на Струга постојат две легенди, од кои во едната се вели дека Струга го добила своето име поради отворената географска положба на градот – место каде што постојано „струже“(дува ветер). Другата легенда, пак, вели дека некогаш одамна македонските Словени, Брсјаци и Мијаци, во струшкиот регион се занимавале со сточарство и овците ги носеле на стрижење токму на истекот на Црн Дрим од Охридско Езеро. Од стрижењето на овците доаѓа до зборот Струга. Старото име, пак, на овој град е Енхалон, што на старогрчки значи „јагула“.

ГРАДОТ НА КОНЗУЛИТЕ
Париското Шанзелизе во Битола се вика Широк Сокак или „битолскo корзо“ кое претставува главната пешачка артерија. Тоа е веројатно и првата асоцијација кога ќе се спомне името на градот. Тука се среќаваат сите градски личности, но и сите пријатели, бизнис-партнери, случајни минувачи и вљубени парови, тука се споделуваат градските новости. Оваа улица е преполна со кафулиња, продавници, ресторани, тука се наоѓа театарот со операта, но и многу стари архитектонски дела.

ГРАДОТ во ОБЛАЦИТЕ
Крушево е град-историја, град-музеј, град-приказна. Крушево е бајка, особено во зимскиот период. Вистинска снежна идила. Во него има зачувани градби од XV век, кога се формирал градот, како и од периодот на населување на Власите и Мијаците, едните расположени да инвестираат, а другите познати како одлични градители. Резултатот од тоа се куќи со специфични архитектонски белези кои воодушевуваат уште при првата средба, а на нивната убавина не останал рамнодушен ниту славниот архитект Ле Корбизје при неговата посета на градот.

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2024 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе

error: Content is protected !!