23
МКД ,,Кочо Рацин” Обала- Копер, вчеравечер го одбележа 30-годишниот јубилеј од своето постоење со културна манифестација во новоотворениот објект ,,Либертас-раскрсница на културите” во Копер.
Особена чест за заедницата во Копер и за самото друштво претставуваше присуството на претседателката на Република Словенија Наташа Пирц Мусар, градоначалникот на Копер, Алеш Бржан, пратеничката во Словенечкото собрание, Сандра Газинковски и претседателот на Македонскиот Сојуз Бранислав Тасков.
Претседателката Пирц Мусар во своето обраќање го истакна значењето на чувањето и негувањето на македонската култура, фолклор и јазик за Македонците кои живеат во Р. Словенија и значењето на иселениците како мост за зацврстувањето на врските помеѓу двете пријателски земји.
Од име на Агенцијата за иселеништво и директорот Горан Ангелов, пред многубројната публика се обрати раководителот на сектор Билјана Костова, која се заблагодари на претседателката и на градоначалникот за отворените врати и можности кои ги нуди Р. Словенија на македонските граѓани, како и на поддршката која ја дават при зачувување на својот културен идентитет далеку од дома.
Воедно, Костова упати честитки до претседателот на МКД ,,Кочо Рацин” Обала- Копер, Блаже Атанасов, до членовите, волонтерите и поддржувачите на друштвото за целокупниот труд, заложба и успех за 30 – годишно опстојување и ширење на македонскиот фолклор во Р. Словенија.
Вечерта беше збогатена со фолклорен настап на домаќините и гостите од МКД ,,Кирил и Методиј” Крањ, МКД ,,Охридски бисери” од Нова Горица и МКД ,,Илинден” од Јесенице.
Се читаше поезија од Кочо Рацин на македонски и словенечки јазик и се проследи изложбата од ликовни дела на македонски ликовни уметници.
Во знак на благодарност и почит за 30-годишниот јубилеј на МКД ,,Кочо Рацин” Обала Копер, Агенцијата за иселеништво подари плалкета, со мотив од познатото македонско оро ,,Тешкото”


