18
Пула беше домаќин на „Колажот на македонската култура“
Од 16 до 18 октомври 2026 година, Пула беше домаќин на проектот „Колаж на македонската култура – Вкусови и простори на Македонија и Истра“, кој обедини ученици од повеќе градови во Хрватска што го изучуваат македонскиот јазик по Моделот Ц.
Преку дружење, учење и културни активности, учениците го запознаа историското наследство на Пула, ја посетија Арената, учествуваа во стручна прошетка низ градот и беа примени во Градската палата.
Проектот го осмислија наставничките по македонски јазик, Деспина Белчовска Велинска, Сашка Соломоновска Јаневска, Маја Јовановски и Милена Георгиевска, а го поднесе македонското културно друштво во Пула. Кофинансиран е од Министерството за наука и образование на Република Хрватска.
Учителката по македонски јазик од Пула и водителка на проектот Сашка Соломоновска Јаневска истакна дека најголемата вредност е во децата, новите пријателства и можноста македонскиот јазик и култура да се пренесуваат на младите генерации.
,,За мене, како учителка по македонски јазик во ОУ „Центар“ во Пула, овој проект имаше и посебно, лично значење. Пула, која со гордост беше домаќин на „Колажот на македонската култура – Вкусови и простори на Македонија и Истра“, оваа година одбележува дваесет години изучување на македонскиот јазик во училиштето. Затоа, доживеав овој проект како еден вид подарок за јубилејот – подарок создаден со многу труд, упорност, трпеливост, одрекувања и љубов кон јазикот и културата што со години ги негуваме далеку од татковината.
За мене, овие дваесет години не се само временска одредница. Тие се приказна за истрајноста, за вербата дека македонскиот јазик заслужува да се слуша и да се учи, за децата што ги прифаќаат неговите зборови и за гордоста што ја чувствувам кога гледам дека она што го чуваме продолжува да живее преку нив.“
„Колажот беше нашиот подарок за јубилејот, но децата се најубавиот доказ дека дваесетгодишниот труд имал смисла – затоа што јазикот што го чуваме денес е гласот што ќе продолжи да се слуша и утре.“
Проектот испрати порака дека културното наследство ги поврзува луѓето и дека децата се најважните носители на неговата иднина.




