Минатата сабота, 25 февруари во просториите на Скотц клубот во предградието Анклиф во организација на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ се промовира книгата поезија „Гулабица недофатна“ од поетесата и ликовен уметник Марија Александрова. Промотор на книгата беше професорката Катарина Ципушева, предавач во Универзитетот Маквари во Сиднеј. Ципушева изнесе опсежна анализа на песните од дебитантската книга во која се поместени повеќе цртежи и ликовни дела од поетесата Александрова.
Со поезија од книгата покрај авторката Марија настапија артистите Валентина и Никола Апостоловски од Македонскиот театар од Сиднеј, пропратени со инструментална изведба на гитара од познатиот педагог и инструменталист Томе Јованов.
Инаку Марија која е позната не само како поетеса и уметник, таа е познат општественик во Сиднеј, долгогодишен водител во неколку македонски радио програми, а од неодамна ја координира својата радио програма „Добро вечер Македонијо“ на радиото 2BACR. Нејзината поезија повеќе пати била наградувана на конкурсот за Прличева награда, а исто е застапена со поезија во зборникот „Ѕуница“. Книгата „Гулабица недофатна“ беше издадена во 2019 година од Македонското литературно друштво „Григор Прличев“.
Душан Ристевски
ГУЛАБИЦА НЕДОФАТНА
Бел гулаб
Со скршени крилја
Бара гулабица
Своја мила
А таа таму негде
На друг
Љубов му свила
Додека гулабови крилја заздрават
Спомените ќе се заборават
Гулаб мисли
И се чуди
Но не може
Да заборави…
Име на своја гулабица.
Живот мина и летна
Не се знае до кога
Гулаб може да чека
Гулабица недофатлива
Лета многу високо
И надалеку
Од далеку, подалеку
Преку океани широки
Поздрав праќа
И лек со него
Да лекува
Гулабови скршени крилја
Гулаб да прелета
Океани доста
Да разлее глас продорен
Да запее песна љубовна
Во оваа земја далечна
Далечна и многу убава.