Home » СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАНИ 30 ГОДИНИ ОД ИЗГРАДБАТА НА ХРАМОТ „СВЕТИ НИКОЛА“ ВО ПЕРТ

СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАНИ 30 ГОДИНИ ОД ИЗГРАДБАТА НА ХРАМОТ „СВЕТИ НИКОЛА“ ВО ПЕРТ

by trinitymedia
29 views
Во молитвена и свечена атмосфера, во Македонската православна црковна општина „Свети Никола“ во Перт беше одбележан значаен јубилеј – 30 години од изградбата на новиот храм „Свети Никола“, продолжувајќи ја духовната и црковната традиција на заедницата, чии почетоци се поврзани со првобитниот храм изграден во 1969 година.
Јубилејното одбележување се совпадна со прославувањето на големиот Богородичен празник Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица, кој според православниот календар беше прославен на 28 август.
По повод празникот и значајниот јубилеј беше отслужена Света Божествена Литургија, на која верниот народ молитвено се собра за да Му вознесе благодарност на Бога за сите благослови дарувани на оваа црковна заедница низ изминатите децении.
По богослужбата, свеченоста продолжи во Македонскиот центар во Норт Перт, каде што беа доделени благодарници и признанија на бројни доброволци, помагатели и заслужни членови, кои со својата љубов, труд и пожртвуваност придонесувале за животот и напредокот на храмот и македонската православна заедница.
Особено признание за долгогодишна и истакната служба му беше доделено на старешината на храмот, Архиерејскиот заменик протојереј-ставрофор Станко Јовановски, како благодарност и признание за неговото повеќе од три децении посветено свештеничко и пастирско служење.
Овој јубилеј не претставува само сеќавање на изградбата на еден храм, туку и сведоштво за три децении вера, молитва, заедништво и љубов кон Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и благодарност кон сите свештенослужители, ктитори, доброволци и верници кои низ годините се вградувале во животот на оваа црковна заедница.
Нека Свети Никола и Пресвета Богородица и понатаму бидат молитвени застапници и закрилници на свештенството и верниот народ, а Господ да дарува уште многу благословени години на духовен раст и заедништво.
 Австралиско-сиднејската епархија на сите добитници им честита и им посакува уште долги години да придонесуваат за доброто на македонската заедница во Перт и Западна Австралија.
На многу и благословени години!

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе