среда, ноември 11, 2026
Home » Македонците во Волонгонг, Австралија, со свечен собор го прославија Митровден и храмовата слава

Македонците во Волонгонг, Австралија, со свечен собор го прославија Митровден и храмовата слава

by Simona Stoleska
3 views

Голем собор на Македонците во Волонгонг

Со торжествен сенароден собор во Волонгонг беше прославен празникот Митровден и беше одбележана храмовата слава

Споменот на светиот великомаченик Димитриј Солунски, освен во татковината, свечено со векови е прославуван од нашиот македонски народ во дијаспората. Традиционално, и оваа година, во далечна Австралија, во Волонгонг, во присуство на многуброен народ од сите краишта на Австралија, беше свечено прославен патрониот празник на храмот.

Чествувањето започна во предвечерието на празникот, на ден 07.11.2026 година, со Вечерна богослужба.

Утредента, на 08.11.2026 година, во 23 недела по Педесетница, на самиот ден на празникот, чествувањето на светиот Димитриј продолжи со Утрена богослужба и Света божествена литургија, предводена од страна на отец Гаврил (Галев) од манастирот „Свети Климент Охридски“ во Мелбурн, во сослужение на пречесните отци, старешината на храмот славеник, протојерејот Борислав Лазов, и со пензионираниот свештеник, о. Климент Џепароски.

На Литургијата присуствуваше голем број верен народ од Волонгонг и околината на Илавара и Сиднеј, кои дојдоа да се помолат и да се поклонат на честицата од моштите на светиот Димитриј и да се причестат со Светите Христови Тајни.

Пред присутните на Литургијата, со свое празнично слово посветено на светиот Димитриј, се обрати отецот Гаврил. Во беседата тој укажа на значењето секој православен верник да се преобразува и да го следи примерот на светителите, кои се наши застапници и молитвеници пред Бога на патот на спасението.

По Литургијата беа осветени славските колачи.

Од страна на црковната општина „Свети вмч. Димитриј Солунски“ известија дека на овој торжествен ден беа особено удостоени со присуството на Амбасадорот на Република Македонија, г-дин Стојанче Китаноски, како и на отец Гаврил од манастирот „Св. Климент Охридски“ од Кинг Лејк, Мелбурн.

А исто така, дека на оваа значајна духовна и празнична радост ѝ се придружија и претставници од повеќе сестрински Македонски црковни општини од Мелбурн, Сиднеј и Њукастел.

„Нивното присуство претставуваше посебна чест и радост за нашата црковна заедница, сведочејќи за единството, братската љубов и заедништвото што нè поврзуваат во верата и во нашата Македонска православна традиција“ – известија од страна на црковната општина.

По литургиската прослава следуваше празничен ручек и богата културно-уметничка програма. По благословот на трпезата, пригодни говори одржаа парохискиот свештеник, о. Борислав Лазов, и Претседателот на црковната општина, г-дин Петар Лозенковски, кои како домаќини им посакаа топло добредојде на гостите. Потоа збор им беше даден на гостите.

Пред присутните се обрати и заменик претседателот на Австралиско-сиднејската епархија, г-дин Дејан Змејкоски, кој во својот поздравен говор ја истакна важноста од сплотеноста на македонскиот народ во Австралија и во практикувањето на верата, традициите и во чувањето на јазикот, културата и идентитетот далеку од својата татковина, во земја која на демократски начин овозможува развој на мултикултурализмот.

Змејкоски ги пренесе поздравите од членството на Управата на најстариот храм во македонската дијаспора „Свети вмч. Георгиј и Пресвета Богородица“, како и од верниот народ при оваа општина во Епинг, укажувајќи дека сите црковни општини под Австралиско-сиднејската епархија се во значителен подем и развој и дека е од особена важност тој заеднички епархиски успех и во иднина да се сочува и надградува.

Македонскиот амбасадор, Н.Е. Стојанче Китаноски, исто така се обрати пред собраниот народ, искажувајќи дека тој како новоназначен амбасадор ќе се труди да биде блиску до сите наши луѓе, а исто така и Амбасадата која секогаш ќе биде отворена за секој еден наш иселеник.

Амбасадорот Китановски им ја честиташе храмовата слава на Управата и верниците при црковната општина во Волонгонг и им се заблагодари за целокупниот труд кој го вложуваат за зачувувањето на врските со нашата заедничка земја и татковина Македонија.

Од страна на Управата, во знак на благодарност, на Амбасадорот му беше доделена плакета, која му ја додели Претседателот, г-дин Петар Лозенковски.

Во продолжение, пред собранието, кратки поздравни говори имаа и претседателот на Црковната општина „Успение на Пресвета Богородица“ од Њукастел, г-дин Сашо Стојчевски, по што беа разменети пригодните подароци.

На настанот присуствуваа и секретарот на ЕУО, г-дин Александар Младеновски, како и претставници од црковните општини од Рокдејл и од Силванија.

Ваквата прослава беше прекрасна можност македонската заедница од Австралија да се собере на едно место, за што Му благодариме најнапред на Бога за неговиот благослов и на светиот Димитриј, а на сите присутни гости, сослужители, верници и пријатели им упатуваме искрена благодарност за нивното присуство и споделената празнична радост, велат од црковната општина.

По молитвите на Светиот великомаченик Димитрија Солунски, Господ да ги чува, укрепува и благословува нашите семејства, нашата црква и целиот македонски православен народ, каде и да се наоѓа!

За многу години празникот!

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе