Home » Македонците во Австралија го одбележаа Денот на независноста

Македонците во Австралија го одбележаа Денот на независноста

by Simona Stoleska
50 views

Свештеници, претставници на црковните општини и членови на македонската заедница присуствуваа на свечениот прием во Амбасадата во Канбера

Македонците во Австралија достоинствено и свечено го одбележаа 8 Септември – Денот на независноста на Македонија. Централното одбележување се одржа во Амбасадата на Македонија во Канбера, каде што се собраа претставници на македонската заедница од повеќе делови на Австралија.

На свечениот прием присуствуваа свештеници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, претставници на македонските православни црковни општини, претставници на Австралиско-сиднејската епархија, како и членови на македонски здруженија, организации и други истакнати претставници на македонската заедница во Австралија.

Настанот претставуваше можност за заедничко чествување на еден од најзначајните датуми во поновата македонска историја, но и за потврдување на силната поврзаност на иселениците со својата татковина. Присуството на претставници од различни македонски организации и црковни општини уште еднаш покажа дека верата, јазикот, културата и националното паметење остануваат цврста основа врз која се гради единството на Македонците во Австралија.

Особено значење на свеченоста ѝ даде претставувањето на новоименуваниот македонски амбасадор во Австралија, Неговата Екселенција г. Стојанче Китановски. За него ова беше прво одбележување на Денот на независноста во Австралија во својство на амбасадор.

Во своето обраќање, амбасадорот Китановски изрази благодарност за топлото добредојде и ја нагласи значајната улога на македонската заедница во Австралија. Тој посочи дека, иако далеку од татковината, Македонците остануваат обединети преку заедничката љубов кон Македонија. Македонските иселеници, со својата работа, посветеност и општествен придонес, секојдневно се нејзини достоинствени претставници во Австралија.

Присутните му посакаа добредојде на амбасадорот Китановски и успешно и плодотворно извршување на неговата дипломатска мисија, со надеж дека во претстојниот период ќе се продлабочат односите и соработката меѓу Амбасадата и македонската заедница.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе