На годинешните 63-ти „Струшки вечери на поезијата” беше доделена и наградата „Стојан Христов” за најуспешна иселеничка поезија. Оваа награда се врачува традиционално во организација на Агенцијата за иселеништво.
Од пристигнатите пет книги, жири комисијата одлучи ова признание да го додели на Владо Јаневски за поетската збирка „На грбот на неповратот”.
На 24 август, директорот на Агенцијата за иселеништво, г-н Слободан Близнаковски, ја додели наградата „Стојан Христов” и во своето обраќање ја нагласи важноста за изразување на својот мајчин јазик, како основа за зачувување на традицијата и културните придобивки на својот народ, со надеж дека и понатаму успешно ќе твори и ќе не прави горди преку неговиот разновиден уметнички сензибилитет.
Авторот Владо Јаневски живее и твори повеќе децении во Сиднеј, Австралија. Стиховите се само еден дел од неговото многуслојно уметничко творење, бидејќи освен со пишување на поезија, има објавено романи, стрипови, сценарија за филм, карикатури, илустрира книги за деца и воедно е успешен сликар (учесник на Иселеничката ликовна колонија). Има добиено многу меѓународни награди и признанија за своето творештво и е член на Друштвото на писателите на Македонија.