Во организација на Агенцијата за иселеништво се одржа „Иселеничката ликовна колонија 2024″ која оваа година беше лоцирана во Охрид. Колонијата траеше од 2 – 7 јуни, а престојот и материјалот за сликање го обезбеди Агенцијата. Директорот на Агенцијата за иселеништво, г-дин Слободан Близнаковски, ги поздрави присутните гости, им се заблагодари за учеството, а потоа им додели Благодарници за нивното учество, им посака убав престој во татковината и успешна работа.
Директорот Близнаковски во своето обраќање кон учесниците истакна дека ова е трета по ред „Ликовна колонија” за нашите уметници кои творат во иселеништво и веќе добива традиционален карактер поради големиот интерес.
На годинешната „Иселеничка ликовна колонија” учествуваа вкупно девет творци на платно, кои допатуваа од различни земји: Мирела Думитреску (Романија), Тодор Јовановски (Република Србија), Боре Митовски (Република Словенија), Владо Јаневски (Австралија), Димче Величковски (Република Хрватска), Ена Налбантиќ (Босна и Херцеговина), Олгица Зафировиќ (Република Србија), Алина Јакимовска (Република Словенија) и Марија Попеску (Романија).
Шестдневната дружба, творејќи инспирирани од синилото на Охридското Езеро ја преточија во прекрасни слики во маслена, акрилна и акварелна техника.