7
Вечерва Оксфорд беше исполнет со македонска песна, игра, музика и традиција. Во величествената Градска сала на Општината, пред многубројната македонска публика, настапи легендарниот македонски национален ансамбл „Танец“, во својот комплетен состав.
По долготрајниот и громогласен аплауз за „Танец“, на сцената се претставија и македонските фолклорни друштва од Обединетото Кралство: „Св. Кирил и Методиј“ од Оксфорд, „Разиграни Македонци“ од Питерборо и КУД „Бисери“ од Литлхемптон. Со своите настапи тие уште еднаш покажаа дека македонската традиција живее, се негува и успешно се пренесува од генерација на генерација.
За помладата публика се погрижија музичките групи „Емигранти како браќа” и „Слаткаристика“, кои со својата енергија и музика создадоа весела, разиграна атмосфера.
Како почесен гостин, пред публиката се обрати амбасадорката Илина Мангова, која истакна дека Македонија и Обединетото Кралство имаат изградено силни врски во сите области. Таа ги повика македонските иселеници да бидат мост меѓу двете земји и активно да придонесуваат кон продлабочување на односите, особено во делот на унапредувањето на извозот на производи од Македонија во Обединетото Кралство.
Настанот беше почестен и со присуството и обраќањето на градоначалникот на Оксфорд, г-дин Чеве Мунконге, со што беше потврдено значењето на културата како мост меѓу заедниците и народите.
Директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов подари пригодни подароци – слики со мотив од „Тешкото“ – на сите фолклорни групи од Англија кои со својата работа ја негуваат, чуваат и промовираат македонската култура во иселеништво.
Посебно признание и подарок и беа доделени и на директорката на „Танец“, Весна Митевска, како израз на благодарност за континуирана соработка.
На управата , предводена од Благоја Николовски, директорот Ангелов ѝ изрази посебна благодарност за поканата и ѝ ја честита успешната реализација на овој значаен културен настан, организиран по повод 35 години независност на Република Македонија.



