5
Нова Македонска православна црковна општина во Салцбург – Австрија
19 септември 2026 година
Со првата Света Архиерејска Литургија започна новиот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург. Духовна радост и благодарност кон Бога, денес, по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, во Салцбург беше отслужена првата Света Архиерејска Божествена Литургија, со која свечено беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Со Светата Литургија чиноначалствуваше Неговото Високо Преосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, во сослужение со отец Јован, а на молитвеното собрание присуствуваа бројни македонски православни верници од Салцбург и околните места. Особено значаен момент од денешниот празничен настан беше архипастирскиот благослов на Митрополитот Европски г. Пимен за основање на нова Македонска православна црковна општина во Салцбург, во рамките на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Денешниот ден претставува историски и духовен почеток за македонската православна заедница во Салцбург. Новата црковна општина ќе биде место на молитва, љубов и заедништво, како и простор во кој македонските семејства ќе можат да го негуваат православното предание, македонскиот јазик и духовната поврзаност со Македонската Православна Црква.
Во празничната радост по повод празникот Рождеството на Пресвета Богородица, во Салцбург денес започна нова страница од црковниот живот на македонските православни верници.
Новата Македонска православна црковна општина во Салцбург ќе го носи името „Св. Архангел Михаил“, како свој духовен покровител и заштитник.
На многу години и за многу благословени години новата Македонска православна црковна општина во Салцбург!



