4
Во организација на МКД „Кирил и Методиј“ од Оксфорд, заедно со управата на МПЦО „Св. Ѓорѓи Кратовски“, вчера во срцето на Лондон се одржа величествен концерт на Националниот ансамбл за песни и игри „Танец“.
По речиси седум децении, „Танец“ повторно настапи пред англиската и македонската публика, приредувајќи незаборавна вечер исполнета со македонска песна, игра и традиција. Посебен белег на концертот беше изведбата на легендарното македонско оро „Тешкото“, кое уште еднаш ја покажа силата и убавината на македонското културно наследство.
Настанот беше збогатен и со настапот на младите играорци од МКД „Кирил и Методиј“, кои со својата енергија и љубов кон македонскиот фолклор ја воодушевија публиката. Вечерта продолжи со настапот на „Слаткаристика“, кој ја крена најмладата публика на нозе и внесе посебна енергија во целиот настан.
Концертот се одржа во духот на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија, како уште еден прекрасен пример дека македонската култура живее, се негува и се пренесува од генерација на генерација, и далеку од татковината.
Како почесен гостин на вечерта беше амбасадорката на Република Македонија Илина Мангова која се обрати кон публиката и ги повика за идна соработка со амбасадата.
Во своето обраќање, директорот Горан Ангелов истакна дека македонската заедница во Англија во изминатиот период доживеала значаен културен подем и дека токму затоа заслужува континуирана поддршка од државата.
Овој настан беше особено значаен и по тоа што за првпат на еден ваков настан во Англија присуствуваше делегација од Агенцијата за иселеништво.
Во знак на признание за долгогодишниот придонес кон македонската заедница и зачувувањето на македонскиот идентитет и култура, директорот Ангелов додели плакети на едни од најстарите македонски организации во Обединетото Кралство — „Сонце“ и Англиско-македонската организација во Обединетото Кралство.



