Home » Заврши 18. Летна школа по македонски јазик за децата од дијаспората

Заврши 18. Летна школа по македонски јазик за децата од дијаспората

by Simona Stoleska
9 views

Од 31 јули до 6 август во Охрид по осумнаесетти пат се одржа Летната школа по македонски јазик, наменета за децата на македонските иселеници, а во организација на Агенцијата за иселеништво. Педесетина дечиња на возраст од 12 до 16 години поминаа незаборавни мигови на охридското крајбрежје, изучувајќи ги македонскиот јазик и култура, запознавајќи се со знаменитостите на Охрид и на регионот и дружејќи се со своите другари од повеќе држави.
Школата за првпат е под покровителство на претседателот на Владата на Р Македонија, г. Христијан Мицковски. На отворањето на школата, Мицковски истакна дека македонскиот јазик е најсилната врска што нѐ обединува сите, без разлика на тоа каде живееме.

– Школата има цел да им овозможи на младите генерации од дијаспората да го изучуваат македонскиот јазик, да ги запознаат нашата култура, историја и традиција и уште повеќе да ја зацврстат врската со својата татковина. Македонскиот јазик е нашиот идентитет, нашата култура и најсилната врска што нѐ обединува, без разлика каде живееме. Затоа, особено е важно најмладите да го негуваат мајчиниот јазик и да ја продолжат љубовта кон Македонија – рече Мицковски.
Учениците имаа часови двапати дневно, а нив ги реализираа професорките м-р Розита Закева и Ана Петровска, кои со посветен и современ пристап придонесуваат за квалитетна и инспиративна настава.
Освен што ги изучуваа особеностите на македонскиот јазик и стекнуваа комуникациски вештини, внимание им беше посветено и на историските и културолошките белези на Македонија. Па така, со интерактивна настава беше одбележан и големиот празник Илинден, чиј датум на прослава се совпадна со деновите на одржување на летната школа.

– Преку интерактивен пристап и приспособена содржина, учениците имаа можност да се запознаат со историското значење на Илинденското востание, како и со неговото место во колективната меморија на македонскиот народ. Покрај историските теми, часот беше збогатен и со разговори за природните убавини на Македонија, нејзините културни и историски знаменитости. Учениците активно учествуваа, споделуваа свои мислења и искуства, покажувајќи голем интерес и љубопитност. Во креативниот дел од часот, децата изработија сопствени илустрации инспирирани од наученото. На овој начин тие ги изразија своите впечатоци за Илинден и културното богатство на Македонија, што претставуваше одличен начин за поврзување на јазичното со уметничкото изразување – велат организаторите.
Учениците меѓу другото го посетија и манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски, а особено уживаа во пловењето со брод, разгледувањето на природните убавини, но секако и во пливањето и сончањето.

Школата беше заокружена со завршна изложба, проекција на филм, доделување дипломи, заедничко фотографирање и традиционални танци, како и прегратки, понекоја солза и многу желби за повторна средба. Летната школа продолжува да биде мост помеѓу татковината и младите генерации во дијаспората, негувајќи ги македонскиот јазик, култура и традиција.

Ф.Д.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе