11
Агенцијата за иселеништво и Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ Скопје, ја организираа промоцијата на Антологијата со поезија од членовите на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, насловена како „Илинден во нашите срца“.
Промоцијата се одржа во мултимедијалната читалница при Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ Скопје, пред бројната публика, љубители на пишаниот збор.
За Литературното друштво говореше Оливера Јовановска, член на друштвото, која го прочита и обраќањето од страна на претседателот Душан Ристевски, а за книгата говореше Проф. д-р Виолета Ачкоска, која воедно е и рецензент на Антологијата и долгогодишен поддржувач на иселеничките организации на сите континенти да творат и да го чуваат македонскиот идентитет далеку од родната земја.
Директорот на НУБС „Св.Климент Охридски“ Скопје, Јовица Никчевски и директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов во своите поздравни говори го истакнаа значењето на творењето на мајчин, македонски јазик во иселеништво и го поздравија педесетгодишното опстојување и творење на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј.
Директорот Ангелов упати благодарност до директорот Никчевски за досегашната соработка и најави идни заеднички активности и збогатување на фондот на Националната библиотека со дела од иселеници писатели, преку формирање на иселеничко катче во рамки на постоечката библиотечна ризница.


