Home Иселенички СтраниЕвропа Средба со Братислав Димитров во Хрватска

Средба со Братислав Димитров во Хрватска

189 views

На 8 и 9 мај, 2024 година изградивме уште еден хрватско – македонски книжевен мост. Во неговата реализација учествуваа Хрватско- македонското друштво, Друштвото на хрватските писатели во Загреб и Градската библиотека ,,Анте Ковачиќ“ во Запрешиќ.

Настаните беа финансиски поддржани од Загрепската жупанија, а негов иницијатор и организатор беше претставничката на Македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, почитуваната Лена Ѓапиќ.
Гостин на настаните беше македонскиот драматург, режисер, колумнист и глумец Братислав Димитров. Целта беше запознавање со неговото творештвото и секако доближување на еден исклучителен автор на хрватската книжевна сцена.

За неговото творештво пред присутните во Градската библиотека ,, Анте Ковачиќ “ во Запрешиќ зборуваа Јудита Реј Худечек, претседателка на ХМД, Ивана Брезовец, професорка по македонски јазик во Првата гимназија во Загреба, а модератор на настанот беше Маја Јураниќ. Големиот интерес за Братислав Димитров и неговото творештво беше медиумски проследено од страна на локалните и државната хрватска телевизија ( ХРТ 1 ), локалните портали и дневните весници. Настанот го збогатија со својот настап и етно групата ,, Езерки“ кои наредната година ќе го одбележат своето триесетгодишно работење.

Извадоци од творештвото на Братислав Димитров читаше Исидора Спиркоска, која го изучува македонскиот јазик во Првата гимназија во Загреб. Исидора за нејзината инволвираност во самиот настан вели:
,, Ми претставува голема радост што се запознав со еден од најголемите автори кои пишуваат на македонски јазик. Пресреќна сум што присуствував на еден толку несекојдневен настан и можев пред Братислав Димитров да прочитам едно најмало делче од неговото богато творештво. Исто така, неизмерно сум среќна што ми ја подари својата книга ,, Дремка за двајца“ која со задоволство ќе ја прочитам. На тој начин ќе го надополнам моето стекнато знаење на часовите во кои се запознавме со неговото творештво, со колумната и со карактеристиките на истата.“

Наредниот ден во просториите на Друштвото на хрватските писатели ( ДХК ) во Загреб настанот го отвори со свечен говор почитуваниот Божидар Брезиншчак Багола, претседател на Комисијата за книжевни врски во Друштвото на хрватските писатели. Тој меѓу друго ја изрази својата радост за успешноста која ја постигнуваат авторите со преводите на нивните дела. Дека тоа е вистинскиот начин на кој се збогатуваат и двете книжевности. Ја изрази потребата да се продолжи во таа насока со цел промовирање на авторите и зајакнување на веќе воспоставената успешна комуникација помеѓу Република Македонија и Република Хрватска. Со надеж дека наскоро и делата на Братислав Димитров ќе бидат преведени на хрватски јазик.

Извадоци од книжевното творештво читаше ученичката Елена Јанкуловска која ја посетува наставата по македонски јазик во Првата гимназија во Загреб. Книжевниот профил го надополнија Јудита Реј Худечек и Ивана Брезовец. Ивана ја истакна радоста што Братислав Димитров припаѓа токму на македонската книжевност. Неговата големина ја гледаме во континуираната присутност во истата. Братислав Димитров 55 години ги создава своите колумни на македонски јазик и како таков ни го исполнува обичното секојдневие со, како што самиот автор вели, лирски сарказам. Неизмерно сум горда што можам да бидам промоторка на еден исклучителен драматург, режисер, глумец и колумнист кој е Македонец со целото свое битие. Братислав Димитров заслужува да биде читан во Македонија а и надвор од границите на нашата држава, да биде присутен меѓу младите, да биде преведуван на многу јазици. Неговите текстови содржат едноставна животна мудрост. Го пратам неговото творештвото уште од своите средношколски денови и неизмерно сум благодарна што неговиот квалитет и континуитет го прати искреност. Неговиот стил е исполнет со една невидена леснотија на создавањето, креативност и доследност. Токму затоа македонската читателска сцена го сака и почитува. Моите ученици во наставата го изучуваат творештвото на Бато и се инспирираат од неговите интересни текстови.

Македонскиот театарски фестивал ,,Војдан Чернодрински“ го награди неговиот драмски текст ,, Глоговиот џбун“ во годините на неговата најголема творечка инспирација. Искрено посакувам неговите драми, телевизиски серии и колумни да бидат повторно застапени и од нив да учат нашите млади луѓе. Бранкица Богатинов дипл.инг.по биологија, наставник по биологија и македонски јазик го коментира цитатот на Беатислав Димитров: ,, Полемика е жестока кавга после која и едната и другата страна, не само што не ги напуштаат своите заблуди и глупости, туку уште повеќе се бетонираат во нив!” Богатинов вели дека со вака мајсторски напишана дефиниција за полемиката, господинот Димитров пренесува една моќна порака до секој читател и поединец. Да не се вклучува во полемика доколку предходно не е ментално спремен да го отфрли своето его и севкупната нарцисоидна култура во која денес живееме, и да отстапи од својот првичен став доколку другата страна има цврсти аргументи. За жал, денес таквите полемики се ретки и се на работ на истребување па токму затоа Братислав Димитров користејќи се со својот како што и самиот вели:,, саркастично – лиричен стил “се обидува да допре до читателот. Богатинов му посакува успех и истрајност , а воедно искажува поддршка во остварување на таа цел . Споменка Демниева, Македонка која со својата семејство живее и работи во Загреб за творештвото на Бато го рече следново: Остриот и духовит јазик на Братислав Димитров го оживува заборавениот дух на Скопје во втората половина на 20 век. „Дремка за двајца“ е четиво кое се чита во еден здив, а претставува хроника на едно време. Братислав ги врежа во вечноста маалските ликови и настани и ги сочува од заборав не само нив, туку како времеплов го врати времето и нè запре во Скопје како самите да сме го проживеале тоа. Братислав писателот за ликовите и настаните пишува со опиплива топлина и срдечност, низ која го запознаваме Братислав човекот. Зад урнебесните анегдоти, духовитите забелешки и скопскиот жаргон се крие можеби носталгична потрага по човекот во денешницата.

Почитуваната Лена Ѓапиќ, неговата школска пријателка и виновникот за овие прекрасни настани го рече следново:
,, Беа тоа многу инспиративни средби за паметење.“ И навистна е така. Насмевката на лицето на Братислав Димитров и интересот за неговото творештво во Хрватска позитивно го изненадија неговиот скромен и ненаметлив карактер. Со голема љубов зборуваше за соработката со големите хрватски режисери и актери, но сепак една од најзначајна му е соработката остварена со Костадинка Велковска за која кажа најубави зборови. Заедно ги градеа мостовите на нашите две татковини, а Братислав, нашиот Бато уште еднаш ни покажа вистински начин на кој уметноста и книжевноста се гради. Со многу љубов, неуморно и професионално. Македонците во Хрватска се привелигирани и богати бидејќи ја имаат поддршката во секој облик да ја промовираат македонската култура со сите свои убавини, во многу насоки и на многу начини, овие средби се само еден доказ за тоа.

На сите присуни со своја посвета како сувенир Братислав Димитров ни ја остави
,, Дремка за двајца“. Бато се надева дека луѓето повторно читаат, дека многу од нив повторно ќе почнат да читаат и дека младите се нашата надеж. Им порача на младите да имаат желба да истражуваат и да учат од големите книжевници како Достоевски, Кафка, Џојс, Крлежа… Велејќи дека себе си не се доживува како книжевник и дека повеќе милува да се нарече драматург.

Јас се надевам дека нивните, а и неговите дела ги читаат и ќе ги читаат и младите. Тоа е најверодостоен доказ за посебност и оригиналноста, признание за нивната посветеноста на творештвото како процес. Како луѓе секојдневно ги надминуваме нашите поставени граници и ги поместиваме баш како што Бато ни вели да го симнеме малку небото за да се качиме, или барем да се обидеме – би надополнила јас.

Се надевам дека Братислав Димитров и понатаму ќе создава, можеби во некоја наредна негова колумна ќе не спомене и нас Македонците од Хрватска. А ние ќе бидеме неговата верна читателска публика која секогаш со голема љубов ќе го пречека во нашата втора татковина, Република Хрватска.

Авторка на текстот Ивана Брезовец

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2024 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе

error: Content is protected !!