Home » Розита Закева организира часови по македонски јазик на Малта

Розита Закева организира часови по македонски јазик на Малта

62 views

Розита Закева држи часови по македонски јазик на Малта последниве три години. Часовите се одржуваат еднаш неделно и најголемиот акцент е ставен на запознавање со татковината. Секако, во преден план е и изучувањето на азбуката, за малите деца, за поголемите – граматика и правилно изразување, читање и творење. Преку игра и другарување, песна и музика, креативни работилници, театар и драма, поезија и раскази, фолклор и традиција, децата го изучуваат македонскиот јазик и поблиску се запознаваат со нивните корени, вели Розита.

– Овие часови се замислени како спој на теоретското со практичното и се обидувам преку игра и песна, преку употребата на македонскиот јазик во меѓусебната комуникација на децата да го поттикнам идентитетскиот македонски дух. Се учи азбука, граматика, читање, изговор, раскажување, разговори на теми од секојдневието. Важно е колку што можеме повеќе и подолго да го користиме македонскиот јазикот – ни споделува Розита.

Македонскиот јазик е суштински дел од мене

М-р Розита Закева е дипломиран професор по македонски јазик и литература (Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје при УКИМ), лектор по македонски јазик и магистер по педагошки науки (Филозофски факултет – Скопје, при УКИМ). Работела како професор во основно и средно училиште, лектор на многу трудови, списанија, публикации, учебници и книги, како и новинар во неколку пишани и електронски медиуми. Автор е на неколку драмски текстови и репортажи за убавините на Македонија, автор е на збирката поезија „Копнеж“. Со своите ученици шест години по ред, во Драмскиот театар, ја организира манифестацијата „Вечер на македонскиот јазик“. Во последните три години живее и работи на Малта и како што веќе споменавме, држи часови по македонски јазик.

– Мојата прва средба со островот Малта беше во 2016. Во 2020 дојдов и еве веќе три години живеам и работам овде. Од самиот почеток кога дојдов на Малта, размислував за часовите по македонски јазик. Во Македонија долги години работев како професор по македонски јазик и литература во основни и во средни училишта, па откажувањето од оваа професија, која е и моја љубов, навистина длабоко ме допре. Во нови околности, нова држава, нов јазик, нови пријатели, се обидував да се вклопам колку што е можно подобро, но љубовта кон македонскиот јазик, работата со децата постојано беше мој порив. Не сакав да го заборавам и да го избришам она што е суштински дел од мене. Да се впуштам во нови предизвици и притоа да го оставам мајчиниот јазик. Затоа, полека созреваше идејата, размислував постојано, каде, како, кога. Особено сум ѝ благодарна на Агенцијата за иселеништво, која во целиот период ме поттикнуваше морално, а потоа ме поддржа и со учебници. Оваа соработка и понатаму ќе продолжи со Летната школа по македонски јазик наменета за децата од иселеништво, која традиционално се одржува во Охрид – споделува Розита Закева.

Надвор од Македонија мајчиниот јазик полека станува втор јазик

Македонската заедница на Малта почнува да се создава во последните 10 години, и тоа е млада популација. Закева вели дека не може да се спореди со земји во кои македонската дијаспора е со децении и е многу поорганизирана.

– На Малта се претежно млади луѓе, млади родители и бројот на деца не е голем, споредено со други земји каде што живеат Македонци. Но, секогаш е доволно за да се почне нешто што се сака. Како професор по македонски јазик и лектор, љубовта кон македонскиот јазик и пишаниот збор се дел од моето суштествување. Започнав со првиот час и одѕивот беше 10-ина деца. Во моментов имам 15-ина деца на возраст од 6 до 13 години. Бројот на ученици од ден на ден се зголемува и се надевам дека во иднина ќе продолжи со поголем интерес од страна на родителите и децата. Повеќе податоци има на официјалната ФБ-страница Учи македонски јазик/Learn Macedonian Language  – додава таа.

Првиот отворен ден го организирала на 22 октомври 2022 година.

– Запознав прекрасни родители и деца кои ми се огромна поддршка во целиот овој период. Полека, но сигурно создадовме една мала заедница во која се обидуваме да ги зачуваме нашите идентитетски вредности далеку од татковината. Јас како професор, тие како родители, децата како ученици се обидуваме да создадеме една алка која ќе нѐ поврзува идентитетски преку македонскиот јазик. Денес, светот е едно глобално село и народите постојано се движат од држава во држава, но секој длабоко во себе го понесува огништето. И секогаш се навраќаме онаму каде што се нашите корени. Едноставно, ги прифаќаш сите култури и традиции, јазици и религии, но според мене, не треба да се заборават идентитетските корени. На младите генерации, кои се раѓаат или од мали нозе живеат далеку од Македонија, особено им е тешко да го зачуваат идентитетот и негувањето на македонскиот јазик. Нивната секојдневна комуникација во училиштата е на англиски и на малтешки јазик, па полека, со текот на годините, мајчиниот јазик станува втор јазик. Родителите во оваа ситуација имаат примарна улога во зачувувањето на идентитетските вредности. Сега и јас ја преземам примарната улога преку часовите по македонски јазик – истакнува нашата соговорничка.

Од учење букви, кирилица, до размислување и творење на македонски
 

Од досегашните часови децата покажуваат најголем интерес кон македонските народни приказни, раскази, песни.

– Преку интерактивни модели за изучување на јазикот, децата се поттикнуваат да бидат активни во текот на часот. Препознавање именки, глаголи, заменки, придавки, броеви, зборообразување, во даден текст, треба да води кон целта на изучувањето на јазикот. За помалите ученици, изучувањето букви од азбуката и создавањето реченици се исто така интересни. Децата кои се родени овде го зборуваат македонскиот јазик, но не ја знаат писменоста на јазикот, односно азбуката. Ја користат латиницата. Тоа е малку конфузно на почетокот и се обидувам да ги надминеме овие препреки по принципот „буква по буква“.
Со оние поголемите, кои се донесени и завршиле 5. одделение во македонските училишта, работиме на збогатување на познавањата за јазикот, надградување и барам начини за да ги поттикнам да творат, да создаваат и да размислуваат на македонски јазик. Мислам дека мислата која постојано ми прелетува низ главата е многу важно на кој јазик е. Ако престанеме да размислуваме на мајчиниот јазик, тој станува секундарен јазик во нашите животи. Затоа овие часови треба да бидат поттик за размислување, создавање и творење – истакнува Закева.

Зачувувањето на македонскиот јазик во дијаспората е многу важно

-Мислам дека дијаспората е нераскинливо ткиво од татковината Македонија. Не можеме да ги избришеме корените, не можеме да бидеме нешто што не сме. И секој од нас што одлучил да живее надвор од границите е амбасадор на нашата традиција и култура, на нашиот јазик и менталитет. За јазикот, како идентитет за препознавање, особено е важна секоја индивидуа, односно секој говорител на македонскиот јазик. Негувањето на сопствените национални и идентитетски вредности не значи негирање на другите. Напротив, почитувањето на сопствениот јазик, култура и традиција значи и респект кон сите други култури.

Често ја повторувам најубавата мисла на Блаже Конески: „Јазикот е нашата татковина“, јазикот го носиме со себе секаде во светот, по него се препознаваат „нашинците“. Во овој контекст ќе се надоврзам и на Петре М. Андреевски и неговиот „Пиреј“: „Племето наше е пиреј… пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева“ – изјавува Розита Закева.

Таа годинава успеала со своите ученици, родители и помагачи да направи Прва новогодишна забава со новогодишни пакетчиња и Дедо Мраз, традиционално македонски, за децата што живеат и учат на Малта.

– Со моите ученици подготвивме мала приредба за присутните. Прекрасна атмосфера, музика, задоволни лица, многу детски насмевки. За Бадник, организиравме одење по куќи и пеење коледарски песни. На повикот за посета на коледарите на домови во кои живеат Македонци, се одѕваа многу нашинци, што е навистина добар чекор за подобро организирање во иднина. Следните активности ќе ги насочиме кон велигденските празници, а потоа следува и патувањето со мои ученици од Малта на Летната школа за македонски јазик во Охрид, во организација на Агенцијата за иселеништво – нѐ информира Закева.
https://www.fakulteti.mk/news/21032023/rozita-zakeva-organizira-chasovi-po-makedonski-na-malta-ako-prestaneme-da-razmisluvame-na-majchiniot-jazik-toj-stanuva-sekundaren-jazik-vo-nashite-zhivoti?
fbclid=IwAR0UkWDyqNCft89Y0Hv8CQFNXLA3GB6VwzpCFwlp-JZOtUCgGSpAZ5xW5Tc

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2024 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе

error: Content is protected !!