Home Иселенички СтраниАвстралија Петар Илиевски виден општественик од Сиднеј

Петар Илиевски виден општественик од Сиднеј

98 views

Петар Илиевски е роден во село Кривени, Преспа, на 15.9.1939 година. Селото Кривени се наоѓа на 6 км северно од Ресен под пазувите на планината Бигла. Петар беше прво дете на Стеријо и Стеванка. За време на НОБ неговиот татко беше партизан- курир. Неговата мајка потекнува од с. Крушје, Преспа.

Петар основно училиште заврши во Кривени и Ресен а потоа продолжи средно градежно училиште во Скопје но поради немање на финансиски услови се врати во Ресен каде го заврши средното земјоделско училиште. Беше во работен однос во Земјоделската задруга во Јанковец две години пред да го отслужи воениот рок, а потоа замина за Словенија каде работеше во комбинатот за железна индустрија „Јасеница“. После три месеци одлучи да замине на работа во Австрија но потоа замина за Австралија во 1964 година. Во Австралија се досели во индустрискиот град Њукастел, стотина километри од Сиднеј, каде се вработи во топилницата за железо. Таму остана се до 1968 година и кога стапи во брак со неговата избраничка Менка по потекло од с. Цапари, Битола, одлучи да се пресели во Сиднеј каде се вработи во државната Железница. За да не биде осамен, успеа да си ги донеси во Австралија и своите родители, двете сестри и неговиот брат со своите семејства и повеќе роднини и пријатели.

За целиот период Петар го учеше англискиот јазик и кога увиде дека доволно го владее, се вработи во Агенција за недвижности во населбата Рогдаел, каде многу Македонци почнаа да се доселуваат. Како агент за недвижности работеше од 1968 год. до 1979 год. Потоа до пензионирањето работеше во телефонската компанија Телстра во Сиднеј како магационер. Преку Агенцијата за недвижности, Петар се запозна со многу Македонци од сите краеви на Македонија на кои им помогнуваше да си го решат своето станбено прашање но и да им помогнува за полесно да се вклопат во новата средина. Тоа го поттикна активно да делува на општествено поле во македонските цркви, КУД и првите училишта по македонски јазик.

Во 1969 година по негова иницијатива се формира КУД „Преспа“ во населбата Рогдаел каде три години заземаше функција на заменик претседател и четири години беше раководител на драмската секција на ова Друштво. Ова драмска секција прикажа повеќе едночинки пишувани од Петар и ја прикажаа пиесата „Денешни времиња“ од Јорде Петревски. Потоа го формира КУД „Орце Николов“ во населбата Калтон каде заземаше функција на претседател повеќе од три години. Овие две друштва одиграа голема улога во ширење на македонскиот фолклор и преку многубројни настапи во промовирање на македонската култура во австралиското мултикултурно општество.

Со формирањето на Просветно-школскиот одбор на НЈВ во 1979 год. Петар активно се вклучува во формирање на македонски етнички училишта. Во овој Одбор од самиот почеток, десет години, беше на функција благајник, а ја имаше истата функција во македонското етничкото училиште Ателстон во Анклиф и во етничкото училиште во Рогдаел. Во овие училишта повеќе илјади Македончиња го изучуваа македонскиот јазик, историја и култура.

Исто така Петар активно се вклучува и во Работничката партија на Австралија каде членува од 1974 год. и како активист во локалниот изборен округ во регионот St George е почитуван од  локалните политичари.

Петар е татко на два сина и дедо на 3 внуци. Своите пензионерски денови ги минува во читање, социјализирање во македонските пензионерски друштва, црквите и Библиотеката на литературното друштво „Григор Прличев“ каде повеќе од една година е заменик библиотекар.

 

ЖЕЛБА ЗА КРИВЕНИ

Ој Кривени село красно

што остана тажно празно

најубаво ти ни беше

цела Преспа ја красеше

музика и песни сегде ечеше

село слава кога славеше

и куќна слава се правеше

на сред село секој оди

оро ситно да заигра

музика весела свири

песни се редат и пеат

цело село се веселат

и така нова мода дојде

од село секој појде

туѓа земја за да види

само в село да не биди.

Ој Кривени наше село мило

ќе се вратам кога било

макар стар нека бидам

моето Кривени ќе си видам.

 

АВСТРАЛИЈА – 1964

Австралија земја мила

Ти си мене заробила

Да те градам да те китам

А јас не знам каде скитам

Не знам никој и никого

Се што гледам не познавам

Се што слушам не разбирам

Кај да одам сам не знам

Кога луѓето чудни ми се

Така лудо време си е

Не е исто како кај нас

Ни цвеќе мирис нема

И времето се менува

И времето си минува

И младоста си одминува

А надежта вечна останува.

 

НАША ЦРКВА

Црква наша-православна вера

Ти секогаш со нас си била

На секој мир и благослов подарила

Преку поповите чеда господови

Гордост и љубов во нас задомила

Сложни и среќни сите еднаш бевме

Се додека ѓавол в душа негде влегол

Раскол во света црква наша легнал

Инает, гордост, љубомора и омраза

Слегна во душата како зараза

Судови се редат пари се трошат

Брат со брат не сакат да се видат

А сите грешат но верата прочка дава

Ако веруваш во Господава слава.

1Dusan

Пишува Душан Ристевски

Извор на следниот линк.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2024 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе

error: Content is protected !!