Костадин Камчев e аудиоинженер, по потекло од Кавадарци, а со години живее во Њу Џерси. Таму го преселил и своето музичко студио „Моцарт“ и секоја година бројот на неговите клиенти, звучни имиња и реномирани музички ѕвезди, постојано расте. Досега неколку пати бил дел од музичката манифестација „Греми“, а трипати бил номиниран за престижните музички награди „Греми“ со својата музика и инженерски ангажман
Пионер за снимање аудио на компјутер во Македонија
Роден е и пораснат во Кавадарци. Со музика се занимава уште од рани години.
Вели дека бил пионер за снимање аудио на компјутер во Македонија.
Најдраг спомен снимањето „Усни на усни“ со Тоше Проески
Истовремено во Кавадарци бил и сопственик на една од првите приватни радиостаници во Македонија – „Радио Кец“ на фреквенција 102,3. По 3 години работа на радиото, го затворил студиото и решил да го пресели во Скопје.
За преселувањето во Америка вели дека било непланирано, но по добро размислување, со сопругата одлучиле да се преселат за да можат децата, кои биле на возраст од 3 и 6 години, да го почнат образованието таму.
Во 2002 отворена американската верзија на „Моцарт“
Иако не зборувал англиски, пробал да се вработи во студио во Њу Џерси каде што ја добил позицијата инженер врз база на миксање на песна од аналогна 24-канална лента, од која сопственикот на студиото се воодушевил.
Работел и сѐ уште работи со Лени Вајт (од бендот „Ретрн то форевр“), Рон Картер („Квинтет Мајлс Дејвис“, Херби Хенкок, Вејн Шортер…), Џон Скофилд (Мајлс Дејвис, Дејв Либман, Чарлс Мингус,…), Оз Ној, Стенли Кларк, Кристијан Мекбрајд, Џон Патитучи, Катрина Лешковиќ („Катрина анд д вејвс“), Боби Рондинели (тапанар во „Рејнбоу“, „Скорпионс“, „Блу Оистер калт“…), Томи Прајс (кој е член на „Џоан Џет“, „Били Ајдол“…), Касим Султон („Блу Оистер Калт“, „Мит Лоф“…), Џени Даглас (која работи со Тина Тарнер, Елтон Џон, Тото, Пинк…), Ники Ричардс (која работи со Мадона, Мараја Кери, Витни Хјустон, Мајкл Џексон, Тина Тарнер,… ) и многу други.
– Деновиве го миксам последниот, двоен албум на светскиот тапанар Стив Смит и неговата група, „Вајтал информејшн“, која годинава прославува 40 години постоење. Инаку тој е познат и како член на една од најголемите американски рок-групи „Џрни“. Откога сум во Америка, на неколку пати имав соработка со македонски артисти, од кои можам да ги издвојам Браќата Тавитијан, за кои ги миксав изданијата „Македонско срце чука во 7/8“ во кои се појавуваат повеќе поранешни југословенски пејачки ѕвезди, а исто така, работев на албумот „Пијан Славеј“ на одличната македонска група „Фолтин“, како и германската верзија на албумот – изјавува Камчев.
Три номинации за „Греми“
Првпат стапил во контакт со Греми академијата кога станал гласачки член во 2003 година.
– Со сопругата првпат бевме дел од оваа манифестација во 2008 година, која беше јубилејната, 50. година за „Греми“. Нам ни беше 15-годишнина од брак, па беше неверојатно чувството да се биде помеѓу светските музички ѕвезди во таа специјална пригода за нас – ни сподели Костадин.
Првата номинација за „Греми“ ја добил на 57. издание на доделувањето на наградите.
– Тоа се одржа во 2015 каде што госпел-проектот на артистот Вилијам Мекдаул -„ Withholding Nothing“ беше номиниран за „Греми“, а од кој дел беше снимен во студиото „Моцарт“, а јас бев асистент инженер. Моjата втора номинација за „Греми“ дојде од соработката со ветеранот во филмската музика Ханс Цимер, за кого ги снимив сите главни вокали што ги изведува одличната вокалистка Лоара Котлер. Тоа беше работа од две години додека владееше пандемијата. Ханс Цимер беше номиниран за неговата музика од филмот „Дина“, на кој јас сум кредитиран како додатен инженер. Третата номинација за Греми ја добив оваа година, како снимател на Тропикал латин албум (Tropical Latin Album) од групата „Спениш харлем оркестра“ (Spanish Harlem Orchestra – Imàenes Latinas). Инаку групата е многу популарна во Америка, има добиено три „Греми“ претходно – ни сподели Костадин.
Да се биде дал од една ваква светска музичка манифестација, според Коста, е како сон.