Home » Македонска вечер во величествената сала на општината во Оксфорд

Македонска вечер во величествената сала на општината во Оксфорд

by Simona Stoleska
72 views
Вечерва Оксфорд беше исполнет со македонска песна, игра, музика и традиција. Во величествената Градска сала на Општината, пред многубројната македонска публика, настапи легендарниот македонски национален ансамбл „Танец“, во својот комплетен состав.
По долготрајниот и громогласен аплауз за „Танец“, на сцената се претставија и македонските фолклорни друштва од Обединетото Кралство: „Св. Кирил и Методиј“ од Оксфорд, „Разиграни Македонци“ од Питерборо и КУД „Бисери“ од Литлхемптон. Со своите настапи тие уште еднаш покажаа дека македонската традиција живее, се негува и успешно се пренесува од генерација на генерација.
За помладата публика се погрижија музичките групи „Емигранти како браќа” и „Слаткаристика“, кои со својата енергија и музика создадоа весела, разиграна атмосфера.
Како почесен гостин, пред публиката се обрати амбасадорката Илина Мангова, која истакна дека Македонија и Обединетото Кралство имаат изградено силни врски во сите области. Таа ги повика македонските иселеници да бидат мост меѓу двете земји и активно да придонесуваат кон продлабочување на односите, особено во делот на унапредувањето на извозот на производи од Македонија во Обединетото Кралство.
Настанот беше почестен и со присуството и обраќањето на градоначалникот на Оксфорд, г-дин Чеве Мунконге, со што беше потврдено значењето на културата како мост меѓу заедниците и народите.
Директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов подари пригодни подароци – слики со мотив од „Тешкото“ – на сите фолклорни групи од Англија кои со својата работа ја негуваат, чуваат и промовираат македонската култура во иселеништво.
Посебно признание и подарок и беа доделени и на директорката на „Танец“, Весна Митевска, како израз на благодарност за континуирана соработка.
На управата , предводена од Благоја Николовски, директорот Ангелов ѝ изрази посебна благодарност за поканата и ѝ ја честита успешната реализација на овој значаен културен настан, организиран по повод 35 години независност на Република Македонија.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе