Клеопатра од кравари – претстава за самоиспитување на слабости

by Simona Stoleska
16 views

Иван Трпоски
Голем успех на Австралиско македонскиот театар од Сиднеј
КЛЕОПАТРА ОД КРАВАРИ-ПРЕСТАВА ЗА САМОИСПИТУВАЊЕ НА СЛАБОСТИ

Австралиско македонскиот театар од Сиднеј на сцена го постави најновото драмско дело од Душан Ристевски, комедијата „Клеопатра од Кравари“. Македонците имаа можност оваа фантастична изведба да ја видат во населбата Рогдаел на 8 и 9 мај во Културниот центар „Илинден“, во населбата Бенкстеон во Полскиот клуб на 10 мај и на 16 мај со две сценски изведби во Хрватскиот католички центар во населбата Фигтри (градот Волонгонг).
Публиката од Сиднеј и Волонгонг повторно имаа можност да видат уште една драма, тематски поврзана за социјалниот живот на две македонски семејства во Австралија. Од она што го заприметив на премиерната изведба на 8 мај во Културниот центар „Илинден“ во Рогдаел, и последните места беа зафатени. Истоте се случи и на вториот ден како и во Бенкстеон и на двете претстави во Волонгонг.
Публиката остана воодушевена од професионалната изведбата и крајно искусните актери, посебно од Гордана Милошевска што ја толкуваше главната улога на Клеопатра, на Самоил Митревски како нејзин сопруг и Васко Србиновски во улога на нејзин татко. Не треба да се заборави и настапот на Марија Александрова која по втор пат се јавува на сцена и која ја воодушеви публиката со својот настап. Исто така публиката беше воодушевена од изведбата на најновите актери, дебитантите Марика Стојанова-Рок, Јордан Трпкоски, Иван Конески и младиот Даниел Најдоски. Исто така Рубин Нешкоски одлично ја одигра улогата на Веле, лице со попречености. На крајот од претставата публиката ја избра за најдобра глумица Гордана Милошевска на која ќе и се додели престижната награда за глума „Александар Македонски“ што традиционално ја доделува самиот Театар.

Овој македонски Театар успешно делува во Австралија од 2008 година и секогаш на сцена поставува нови драмски продукции. Нивниот богат репертоар кој се состои од 21 сценски изведби ни потврдува дека македонската театарската традиција се негува на овие простори благодарение на успешното работење на ова театарска асоцијација која мислам дека е единствена која делува надвор од Република Македонија. Групата во минатото со своите престави има настапувано во повеќето градови во Австралија како и во Република Македонија каде има гостувано на неколку драмски фестивали како на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. За овој период стотина глумци се појавиле на сцена и Театарот има соработувано со видни театарси институции како Тетарот за млади во Калтон, Центарот за култура во Бенкстеон, Театарот Зил и Сиднејската театарска компанија.

За самата тетарска изведба има многу да се пишува поготово што е дело на нашиот виден поет и драматург, а сега и режисер, Душан Ристевски-Македон кој јас често го нарекувам „македонскиот Шекспир“. Тој на многу лесен начин, преку сатирата и хуморот ни ги приближува карактерите за да ги „сакаме“, „мразиме“ или „жаламе“ што ете самите толку многу си го „исплеткале“ животот што ни Господ Бог не може да им го „расплетка“. Секој човек поседува добри и лоши работи, има „тешки“ и „лесни“ карактери но преку хуморот можеме полесно да ги прифатиме како наши човечки слабости.

За „Клеопатра од Кравари“ поведов разговор со авторот, Душан Ристевски, посебно ме интересираше за неговиот повод што креира еден интересен карактер – Клеопатра (која е последната македонска кралица, но тематски не станува збор за таа Клеопатра). Оваа Клеопатра потекнува од село Кравари, Битолско.

„Уште од поодамна сакав да обработам еден таков специфичен карактер, лице кое е типичен нарцист, заљубен во себе, во својата убавина и интелигенција. Многу е познато во психијатријата кои и какви се нарцисите. Тие се „палат и бесат“, како што би рекле нашите, само да дојдат до својата замислена цел. Тие немаат почит кон никого, не поднесуваат никого и ништо доколку не е во нивни интерес. Тие се себични и безкруполозни и игоцентрични. Очекуваат нивните желби и барања да се исполнуваат и сите околу нив треба да им служат и да ги „пафкаат“ дека се „нај и нај“. Во денешно време во ова расклинкано (западно) општество каде материјалните нешта се вреднуваат, а не интелигентноста или спиритуалната вредност, има многу такви мажи и жени и затоа моралните традиционални и културни норми полека се запоставуваат и умираат.“

Клеопатра со родителите се досели во Австралија за подобар живот и иднина но за жал повторно се враќа во селото од каде што дојде, со еден збор го прокоцка животот.
„Точно, не е лесно да се живее со нарцист кој не само што ќе ги искористи и уништи другите околу себе, без разлика дали станува збор за своите родители, сопруг или деца, туку несвесно самиот се уништува. Трошење на пари, кои ги немаш, правиш одлуки кои немаат никаква логика, ги присилува оние што најповеќе те сакаат да те изолираат и напуштат. Клеопатра доаѓа од село, го напушта селото како дете но селото никогаш не ја напушта неа. Испаднува дека таа, за жал, ништо не научила од животот“.

Ова е уште едно дело кое долго ќе се памети во македонската заедница во Австралија и ме прави среќен што театарската група и понатаму продолжува да ја збогатува и промовира тетарската уметност и македонската нација во Австралија.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе