15 години сплотеност, традиција, култура и љубов кон Македонија!
На 22 ноември 2026 година, во Ница Монферато, Италија, свечено се одбележа значајниот јубилеј – 15 години од постоењето и успешното дејствување на Здружението „Камен Мост“ – Канели и Ница Монферато.
Овој значаен јубилеј претставува потврда за петнаесетгодишната посветеност на зачувувањето, негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, култура, традиција и национален идентитет во регионот Пиемонт, Италија.
Прославата започна со свечен прием и официјални обраќања на истакнатите гости и претставници на институциите.
Прва се обрати претседателката на Здружението, Илона Захариева, која упати искрена благодарност до општините Канели и Ница Монферато за континуираната поддршка, соработката и придонесот во работата и развојот на Здружението.
Свои обраќања имаа и:
- Симоне Носенцо, градоначалник на Ница Монферато;
- Мауро Стропиана, заменик-градоначалник на Канели;
- Дон Паолоно, претставник на Католичката црква;
- Фросина Ременски, конзулка во Македонскиот конзулат во Венеција;
- Горан Ангелов, директор на Агенцијата за иселеништво, кој додели плакета како признание за 15-годишната посветена работа на Здружението „Камен Мост“ во зачувувањето и промовирањето на македонската култура, традиција и идентитет во Пиемонт, Италија.
По официјалниот дел, прославата продолжи во празнична атмосфера, исполнета со музика, дружење, радост и македонски дух.
Раководството на друштвото упати искрена благодарност до општините Канели и Ница Монферато, до институциите, гостите, соработниците, членовите и сите пријатели на Здружението, кои низ годините беа дел од оваа приказна.
Здружението „Камен Мост“ и понатаму ќе продолжи да биде мост што поврзува – мост меѓу Македонија и Италија, меѓу минатото и иднината, меѓу корените и новите генерации.
15 години „Камен Мост“ – затоа што корените не се забораваат, културата се чува, а традицијата се пренесува!


