„Јазикот не е само збор – тој е мост меѓу генерации, чувар на корените и светилник на идентитетот. Затоа, учејќи го мајчиниот јазик, се враќаме дома – без разлика каде живееме.“ Успешно реализирана Летна школа по македонски јазик и култура во Велики Лошињ Во периодот од 24 јуни до 1 јули 2025 година, во Вели Лошињ (Република Хрватска), успешно се одржа Летната школа по македонски јазик и култура. Овој значаен образовно-културен проект беше целосно финансиран од Министерството за образование на Република Хрватска, а кофинансиран од Градот Дуго Село. Подносители на проектот се Хрватско-македонското друштво, претседателката на друштвото Јудита Реј Худачек и Лена Ѓапиќ, додека главен организатор, координатор и водител на наставата беше Бранкица Богатинов, дипломиран инженер по биологија и наставник по биологија и македонски јазик. Во реализацијата на наставниот процес учествуваа и наставничката Катарина Павелиќ, професор по биологија и хемија, како и волонтерката Мирјана Фунтек, која со своето ангажирање придонесе кон успешна логистичка и едукативна поддршка. Модерна настава, интерактивен пристап Програмата на школата беше дизајнирана според возраст, јазично ниво и интереси на учениците. Наставата беше поделена во два дневни модули: Утрински часови – насочени кон структуриран пристап на усвојување на граматичките и јазичните правила .
Попладневни активности – со фокус на комуникација, игри, песни, дијалози и говорни вежби, кои поттикнаа активно учество и работа во тим. Методологијата вклучуваше работа во парови и групи, употреба на аудио-визуелни материјали, комуникациски работилници, изразување мислења и интерпретација на текстови, при што учениците активно го користеа македонскиот јазик во реални ситуации. Културно-едукативни и теренски активности Во рамки на летната школа беа реализирани и повеќе теренски посети и активности, при што учениците имаа можност да го применат стекнатото јазично знаење во практичен контекст: Музеј Апоксиомен – Мали Лошињ Учениците се запознаа со археолошкото значење на уникатната античка бронзена скулптура. Преку јазични задачи (опишување, прашања, пишување осврт), ја развиваа својата способност за изразување на македонски јазик. Институт Синиот свет – Вели Лошињ Се одржа предавање и едукативна работилница за заштита на морските цицачи. Учениците учествуваа во хуманитарната акција „Посвои делфин“, каде изработуваа пораки и говори на македонски јазик за зачувување на морската средина. Плажа Чикат Беше организирана рекреативна активност со јазични игри на отворено: дијалози, пантомима, глумење секојдневни ситуации, квизови и други говорни задачи на македонски јазик. Резултати и значење На крајот од школата, учениците полагаа завршен тест, по што добија Потврди за учество, со што се потврди нивниот напредок во сите четири јазични компетенции: слушање, зборување, читање и пишување.
Преку овој проект, младите Македонци од дијаспората како и децата од хрватско потекло : ги зајакнаа своите јазични и комуникациски вештини, се запознаа со културата, историјата и географијата на Македонија, развија еколошка и општествена свест, и најважно – се поврзаа меѓусебно и со своите корени, градејќи чувство на идентитет, припадност и гордост. Овој проект уште еднаш ја потврдува важноста на соработката меѓу државните институции, локалната самоуправа и македонските здруженија во дијаспората, во насока на зачувување и промоција на македонскиот јазик и култура во странство. И нашата порака за крај од оваа летна школа би била : „Секој збор на мајчиниот јазик што ќе го изговориме е чекор поблиску до нашите корени и наша иднина. Да го чуваме јазикот – значи да се чуваме себеси.“ Автор на текстот. Брранкица Богатинов