5
Денес беше ден што ќе остане длабоко врежан во нашите срца, ден исполнет со гордост, радост, благодарност и силни емоции. Ни беше укажана особена чест да ја пречекаме претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, пред градската црква во Халајн, местото каде што се одржуваат нашите македонски Православни Архиерејски Богослужби на нашата новоформирана МПЦО Св.Арханѓел Михаил Салцбург.
Со топло добредојде, искрена насмевка и македонско гостопримство, претседателката ја пречекаа членовите на Одборот на нашето здружение, играорките од КУД „Македониум“ и најмладите чувари на нашиот јазик и идентитет децата од Јазичниот клуб, кои со љубов и посветеност го изучуваат македонскиот јазик.
Овој свечен миг го споделија и многубројни наши сонародници, кои живеат и творат на територијата на Салцбург. Дојдоа од срце, со искрена желба да ѝ искажат почит на претседателката, да ја поздрават и да поразговараат со неа одблиску. Во нивните лица се препознаваа радоста на средбата, гордоста на припадноста и силната врска со татковината, која не ја бришат ниту далечината ниту годините поминати надвор од родниот крај.
Претседателката се обрати пред присутните, а нејзините зборови го направија овој ден уште посвечен и посебен. Во тие моменти, пред црковните порти, се сретнаа татковината и дијаспората, традицијата и иднината, верата и љубовта кон македонските корени.
Исто така упати искрена благодарност до господинот Маркус Данер, претставник на Католичката црква во Халајн, кој ни ги отвори вратите на храмот и со својата добрина и разбирање ни помогна да се оствари една од нашите најголеми желби во Салцбург да имаме место каде што ќе можеме да ги одржуваме нашите македонски Православни Архиерејски Богослужби.



