11
Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со радост известува дека на 23 и 24 октомври 2026 година, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Европски г. Пимен, ќе престојува во Македонската православна црковна општина „Преподобна Параскева – Св. Петка“ во Осло, Норвешка.
Посетата ќе биде исполнета со духовни содржини, молитвено заедништво и празнична радост, а воедно ќе претставува можност за одбележување на патрониот празник на црковната општина Преподобната маченичка Параскева – Света Петка, како и на третиот јубилеј од нејзиното постоење и духовно делување во Норвешка.
Во рамките на посетата, на 23 октомври (петок), со почеток во 18:00 часот, во храмот „Manglerud kirke“ во Осло, ќе се одржи духовна трибина со Митрополитот Европски г. Пимен. Присутните ќе имаат можност да се поучат од неговото духовно слово, да размислуваат за прашања од верата и христијанскиот живот и непосредно да поставуваат прашања во духот на отворениот разговор и духовното заедништво.
Празничните свечености ќе продолжат на 24 октомври (сабота), со почеток во 17:00 часот, кога ќе биде отслужена Вечерна богослужба со која ќе чиноначалствува Митрополитот Европски г. Пимен. По богослужбата, за сите присутни ќе биде приредена заедничка празнична вечера, како израз на братската љубов, единството и заедништвото во Христа.
Европската епархија ги поканува сите верници, православни христијани и добронамерни луѓе да земат учество во овие духовни и празнични собитија, заеднички да се помолиме, да го прославиме патрониот празник и со благодарност кон Бога да го одбележиме досегашниот пат на оваа црковна општина.
Со благослов Божји, во духот на љубовта и единството во Христа!