Директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Северна Македонија, Слободан Близнаковски, при обраќањето на присутните во Пјаченца, Италија на церемонијата на промоција на новоформираното друштво „Обединети за иднината“- Uniti per il Futuro, ги поздрави присутните македонски иселеници, членовите на новоформираното друштво „Обединети за иднината“ и преставниците на општината Пјаченца, советничката Серена Гропели и советникот Стефано Перучи, како и други претставници на локалниот CISL како што се Салваторе Буоно и Роберто Варани.
Во своето обраќање, директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, им посака на членовите на Друштвото „Обединети во иднината“ да имаат успешна работа и ги поттикна во иднина да ја претставуваат македонската држава, традиција, култура и јазик, како и да продолжат во иднина да соработуваат со останатите здруженија на територијата на Република Италија каде што би се здружиле во Сојуз на македонски иселенички друштва и би настапувале заеднички пред институциите во локалната и централната власт на Република Италија
Воедно, директорот, Слободан Близнаковски, ги запозна присутните со активностите на Агенцијата за иселеништво кои се планирани во наредната 2025 година како што се: „Иселенички литературни средби“, „Иселеничка ликовна колонија“, „Летен камп – Камп за спорт и млади за децата на иселениците“, „Летна школа по македонски јазик“, „Онлајн настава по македонски јазик“ и „Иселенички фолклорен фестивал“, при што ги повика присутните да се вклучат во сите програми на Агенцијата, ги охрабри во иднина како иден Сојуз на македонски друштва од Италија да соработуваат со сите останати друштва и здруженија во Европа и им се понуди како институција – Агенција за иселеништво, со заеднички сили и напори да остварат средби со претседателката на Република Северна Македонија, како и премиерот за да можат во иднина како иселеници да го остварат своето право на гласање во Република Северна Македонија на претседателските и парламентарните избори затоа што како дел од македонското иселеништво и како граѓани на државата Македонија го имаат исконското право да гласаат и да бидат гласани со оглед на тоа што истите имаат значително учество во Буџетот на Македонија.
Исто така, директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, им додели донација на членовите на Друштвото која се состоеше од следново: македонска литература, учебници, буквари, граматики на македонски јазик, промотивен и рекламен материјал, како што се знаменца, капи, маици, кукли во носии, спортски комплети, тефтери, привезоци, постери и новогодишни пакетчиња.
На крај, директорот на Агенцијата за иселеништво им подари и две народни носии коишто ќе им бидат поттик за формирање на културно – уметничко друштво, со надеж дека истото ќе биде формирано и ќе може да биде дел од Фолклорниот фестивал што ќе го организира Агенцијата за иселеништво во Охрид, во 2025 година, како и икона која ќе ги краси новите простории на Друштвото.