Home » Македонски вкусови – традицијата на трпеза

Македонски вкусови – традицијата на трпеза

by Simona Stoleska
9 views

Традиционалните јадења и пијалоци не се само дел од гастрономското наследство – тие се чувари на идентитетот, културата, сеќавањата и припадноста кон еден народ. Преку вкусовите и мирисите на традиционалната македонска кујна се пренесуваат приказни за семејството, обичаите, родниот крај и генерациите кои ги создавале, ги чувале и ги пренесувале на идните поколенија. Токму со цел зачувување и промовирање на македонската традиција, Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб, во рамките на својата Програма за работа, во соработка со Македонската православна црква во Хрватска, а по повод Денот на независноста на Македонија, организираше гастрономска вечер „Македонски вкусови – традиција на трпезата“.

Посебноста на вечерта беше презентацијата на професионалниот шеф Марин Цветановски, кој на учесниците им го приближи богатството на македонската гастрономија, ги претстави традиционалните начини на подготовка на јадењата и сподели вредни кулинарски совети и искуства. Покрај разговорот и презентацијата, шеф Цветановски подготви традиционални македонски јадења, претворајќи ја подготовката на храната во своевидна средба со македонската култура и традиција. Звуците на клавирот и песната внесоа посебна убавина и дополнително ја збогатија вечерта.

Ваквите средби имаат особено значење затоа што традицијата живее само тогаш кога се пренесува. Наша одговорност е да ги зачуваме изворните рецепти, начините на подготовка, вкусовите и обичаите и да им ги приближиме на младите генерации, за да ги запознаат, да ги засакаат и да продолжат да ги негуваат. Истовремено, важно ни е македонското гастрономско наследство да го претставиме и пред пошироката јавност, како вреден дел од културната разновидност и заедничкиот општествен простор на Загреб. Така, македонските вкусови стануваат повеќе од храна – тие стануваат мост меѓу генерациите, меѓу минатото и иднината и силен израз на македонскиот идентитет и културното наследство.

Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб и понатаму, преку своите програми, ќе поттикнува вакви содржини и ќе создава простор во кој традицијата не само што се чува, туку се живее, се споделува и се пренесува понатаму.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе