Home » Во ритамот на македонската традиција во Пјаченца

Во ритамот на македонската традиција во Пјаченца

by Stanela S
41 views
Музиката и ората почнува таму каде што престануваат зборовите. Така беше во саботата на втората “Македонска вечер” во Пјаченца, во организација на македонското здружение “Обединети за иднината”/ Uniti per il Futuro. Повеќе од 800 гости, играа и пееја во еден глас – македонски песни и ора во чекор со музичката група “Ајмо Гранд Бенд” од Реканскиот крај. Вака во една реченица би можел да се опише настанот кој заслужува милион зборови.
Македонскиот фолклор е богатството, идентитетот и коренот на нашето постоење и традиција низ вековите, годините, каде и да се наоѓа, живее и работи Македонецот. Велат, колку си подалеку од огништето и родниот крај, толку повеќе стануваш свесен за вредноста и важноста на своето културно наследство, уникатноста, посебноста и препознатливоста низ светот. Тоа воедно е носталгија, а истовремено ентузијазам и завет да се зачува своето, посебноста и македонското во песната, ората, храната, јазикот, дијалектите, обичаите, семејните вредности, верата и вербата.
Во саботата, Пјаченца, сите присутни и македонската заедница беа сведоци на коренот и традицијата што ги врзува сите и не држи сплотени околу целта да се биде свој и прифатен во заедницата која е нивен втор дом. Во својот говор пред присутните кажав дека секоја генерација доселеници имаат свои предизвици и патишта за одење кои секогаш ќе ги носат кон татковината и македонското. Ако првата генерација се бори за интеграција во средината и економска безбедност за своето семејство, втората родена генерација е веќе интегрирана во духот на заедницата. И тука тргнува предизвикот – да се зачува македонскиот јазик, обичај, верата, традицијата, фолклорот, семејните вредности и сеʼ што не прави посебни како народ и нација.
Голема е радоста да се види таа прва и втора генерација Македонци во странство која го чува, негува и пренесува фолклорот и традицијата на младите, родени во друг, различен свет. Уште повеќе радува фактот што со желба и радост се прифаќа фолклорот и станува популарен помеѓу младите. Здружувањето во фолклорни групи се доживува како обврска, подвиг и можност да се патува, игра, дружи и живее со сите Македонци кои се гордеат со македонската песна и оро.
Сето ова нема да биде возможно без трудот, љубовта и ентузијазмот на македонските основачи и кореографи на фолклорните групи во Италија и другите земји во Европа. На македонската вечер во Пјаченца настапи фолклорната група на здружението од Пјаченца “Македонски цвет” со кореографката Александра Коцева по потекло од Радовиш.
Како гости на вечерта настапија МКД “Кочо Рацин” од Копер, Словенија со кореографот и основач на групата, Блаже Атанасов по потекло од Радовиш.
Нивниот вложен труд е од непроценлива вредност и важност во мисијата за зачувување на македонскиот идентитет и култура помеѓу иселениците. Додека живее нивниот ентузијазам и додека како магнет ги привлекуваат младите генерации во своето фолклорно јато и ги зарадуваат со песна и оро, до тогаш орото, песната, тапанот и убавината на македонската носија ќе го буди и бранува светот и ќе ги воодушевува заедниците во странство.
 Италија е држава која знае да прифати туѓинци, да ги направи лојални граѓани со чувство на припадност и да им ги овозможи и поттикне сите можности и желби за реализација на нивната културна посебност, а од сето тоа Италија станува почитувана земја, побогата и пообединета во различностите.
 Играорците, тие убави и млади девојчиња и момчиња кои зрачат со убавина, искреност и љубов кон орото и народната носија, закитени со црвени рози на плетенки се богатството и мостот – помеѓу таму и тука, помеѓу тие и ние, помеѓу некогаш, сега и во иднина. Сите пофалби и аплаузи одат за нив. Од нив можеме да учиме сите .
И нормално, на крај, но не помалку важнa е музиката на која играа и пееја сите. Македонци од Реканскиот крај, кои живеат и работат во Италија, обединети во музичката група “Ајмо Гранд Бенд” – од изворна, преку народна до новокомпонирана музика – репертоар што шета низ времето. Сите пофалби за нивните извонредни изведби и музика.  Тапанарот Џери беше симболот на она што е вистинска слика за македонскиот фолклор – тапан прекриен со македонското државно знаме, но ништо без жартта и возвишеноста на Џери кој беше неуморен, како и сите присутни на вечерта за паметење.
Благодарам за убавината и љубовта која ја ширите и промовирате

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе