Home » Делчево и италијанската општина Неиве ја отвораат вратата за соработка во туризмот, културата и спортот

Делчево и италијанската општина Неиве ја отвораат вратата за соработка во туризмот, културата и спортот

by Simona Stoleska
27 views
ДЕЛЧЕВО, 21 октомври — Градоначалникот на Општина Делчево денеска во својот кабинет ги пречека градоначалникот на италијанската општина Неиве, Паоло Пичинели, и неговата заменичка Луиза Бофа. На средбата, која помина во духот на искрена блискост и пријателство, беа разгледани можностите за идно поврзување и соработка меѓу двете општини.
Италијанската делегација искажа голема почит кон Македонија и луѓето од делчевскиот регион, истакнувајќи ја нивната посветеност, одговорност и трудољубивост во Италија. Клучен мост за оваа средба беше нашата сонародничка Силвана Трајановска, која е избрана советничка за образование во Општина Неиве и активно придонесува во поврзувањето на двете средини.
За време на разговорот, градоначалниците ги истакнаа точките што ги поврзуваат двете општини, со посебен акцент на културното наследство заштитено од УНЕСКО — италијанската општина Неиве е дел од подрачје со статус на светско природно и културно наследство, додека пијанечкото оро „Копачка“ е впишано на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото.
Како дополнителна духовна и културна врска меѓу заедниците беше посочено и седиштето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ–ОА) во Италија, кое се наоѓа токму во општина Неиве.
Двете страни договорија конкретни чекори за соработка во неколку важни области:
Спорт и млади: Како прв конкретен проект, договорено е наскоро да се организира одбојкарски натпревар меѓу млади спортисти од Делчево и Неиве, каде што настапуваат и млади Македонци со потекло од пијанечкиот регион.
Култура, туризам и гастрономија: Разменети се идеи за заедничка промоција на локалните потенцијали и културните специфичности.
Локална самоуправа: Беа споделени искуства од секојдневната работа, предизвиците и заложбите за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во двете општини.
Оваа посета ја отвора пријателската врата за Делчево во Италија, а раководствата на двете општини изразија уверување дека иницијативите брзо ќе преминат во конкретни проекти од интерес за граѓаните.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе