7
„Вечер со клавир со македонска душа“ – свечен концерт по повод Денот на Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб
Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб го одбележа својот Ден на 28 октомври. По тој повод, Советот организираше свечен концерт „Вечер со клавир со македонска душа“.Музичката вечер беше посветена на убавината на македонската музичка традиција и на спојот на класичната музика со безвременските македонски мелодии. Со организацијата на овој концерт, Советот уште еднаш ја потврди својата посветеност на зачувувањето и промовирањето на македонската култура, традиција и идентитет, како и на создавањето можности за претставување на младите уметници и нивните таленти. Настапија младите македонски пијанисти Виктор Рафајловски, Давид Стојчевски, Иван Стојанов и Димитриј Стојчевски, студенти на Музичката академија во Загреб, кои со својата уметничка умешност и љубовта кон музиката придонесоа за свеченоста и посебната атмосфера на вечерта.Концертот ја истакна важноста на зачувувањето на македонското музичко наследство и неговото пренесување на новите генерации. Тоа беше можност музиката да стане јазик на заедништвото, а македонската мелодија потсетник на богатството на културното наследство што живее и се развива во Загреб. Концертот се одржа пред бројна публика и истакнати Македонци и представници на најважните македонски институции во Загреб, во салата „Тоше Проески“ при Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб. Денот на Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб, согласно Статутот на Советот, се одбележува на 11 октомври и е поврзан со еден од најзначајните датуми во македонската историја – Денот на народното востание, со кој се одбележува почетокот на народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна. Одбележувајќи го Денот на Советот, го чуваме споменот на историските настани што го обликувале македонскиот национален идентитет и ја потврдуваме нашата посветеност на зачувувањето на македонскиот јазик, култура, традиција и историско наследство.



