8
На денешниот час по македонски јазик за децата од иселеништвото, во рамките на Летната школа за македонски јазик во организација на Агенцијата за иселеништво, а под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, наставата беше посветена на еден од најзначајните датуми во македонската историја – Илинден.
Часовите ги реализираат професорките м-р Розита Закева и Ана Петровска, кои со посветен и современ пристап придонесуваат за квалитетна и инспиративна настава.
Преку интерактивен пристап и прилагодена содржина, учениците имаа можност да се запознаат со историското значење на Илинденското востание, како и со неговото место во колективната меморија на македонскиот народ.
Покрај историските теми, часот беше збогатен и со разговори за природните убавини на Македонија, нејзините културни и историски знаменитости.
Учениците активно учествуваа, споделуваа свои мислења и искуства, покажувајќи голем интерес и љубопитност.
Во креативниот дел од часот, децата изработија сопствени илустрации инспирирани од наученото. На овој начин тие ги изразија своите впечатоци за Илинден и културното богатство на Македонија, што претставуваше одличен начин за поврзување на јазичното со уметничкото изразување.



