Пред точно тринаесет години, на 1. март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник “Илинден“ како гласило на македонското друштво “Илинден“-Тирана. Изминативе тринаесет години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот.
Според бројните дописи кои пристигнуваат на електронската адреса на редакцијата од македонски весник “Илинден“ како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во тринаесетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем и поголем број на корисници од македонското националнo малцинство во Република Албанија.
Македонскиот весник “Илинден” досега има испечатено 60 изданија, а почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија весникот може да се следи и преку своето интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com
На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност за сите Македонци во Република Албанија, регионот и цел свет. Истата година, од септември 2017 македонскиот весник “Илинден“е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од трите најголеми читачи на вести во Македонија: www.grid.mk , www.daily.mk и www.vesti.mk
Од август 2022 година Македонски весник “Илинден” е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија.
Мисијата на нашиот весник и понатаму останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците ширум светот.
Редакцијата на Македонски весник “Илинден” ја користи оваа прилика да им се заблагодари на сите свои соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот. Од тогаш до денес, весникот “Илинден“ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија.
Воедно, Редакцијата се заблагодарува и на верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот покажа дека тој навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Република Албанија и го приближи македонскиот литературен јазик за нивна комуникација, изразување и творење.
Да нѝ се множат јубилеите и понатаму.
Со почит,
Никола Ѓурѓај
Уредник на македонскиот весник “Илинден“
превземано:
https://www.facebook.com/groups/155603087841430/?hoisted_section_header_type=recently_seen&multi_permalinks=7314785668589767