Македонската заедница во Трентино завчера го одбележа 10‑годишниот јубилеј на Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“, организација која во изминатата деценија прерасна во симбол на истрајност, заедништво и силна врска со татковината. По повод празникот на светите браќа Кирил и Методиј, на прославата присуствуваше и директорот на Агенцијата за иселеништво, г. Горан Ангелов, чија посета ја потврди континуираната поддршка на матичната држава кон македонските иселеници.
Претседателот на друштвото, Венко Трпески, во своето обраќање истакна дека јубилејот претставува значаен чекор напред за заедницата. Тој најави дека Македонците од регионот Алто Адиџе се пред историски момент — оформување духовен дом и во Мерано, проект што се реализира со поддршка на локалните членови и со посветената работа на претседателката за Алто Адиџе, Магдалена Трендафилова.
Трпески упати и јавна благодарност до сите коишто придонеле во оваа заедничка приказна, нагласувајќи дека „оваа приказна е испишана од секој еден од вас“.
Во рамките на посетата, директорот Ангелов присуствуваше и на Храмовата слава на МПЦО „Св. Кирил и Методиј“ – Трентино, каде што оствари средба со претседателот Трпески и со парохискиот свештеник Отец Орце Пешов. Настанот беше збогатен со присуството на градоначалникот на Тионе ди Тренто, Еугенио Антонини, кој заедно со Ангелов испрати пораки за пријателство и соработка. Двајцата размениле подароци со национални обележја, како знак на взаемна почит и поддршка.
Свеченоста беше дополнително збогатена со настапот на новоформираното фолклорно друштво од Алто Адиџе, предводено од маестро Борче Марковски, кое со традиционални ора и песни внесе силна емоција и патриотски дух меѓу присутните.
Заедницата најави и значаен претстоен настан: на 14 јуни ќе биде отслужена Света Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, што претставува голема чест и духовен благослов за верниците во регионот.




