13
Денес, Агенцијата за иселеништво беше посетена од страна на наставничката по македонски јазик во ОУ „Лајлор Норт“, Мелбурн, Викторија, Мирјана Андовска.
На средбата наставничката Андовска информираше дека училиштето во Лајлор е единственото двојазично училиште во кое 150 ученици го изучуваат македонскиот јазик преку двојазичната настава во рамки на редовната настава која се одвива 50% на македонски и 50% на англиски јазик. Интересот за упис во двојазичното училиште од година на година расте и честопати се прават списоци на пријавени ученици за уписи пред почетокот на учебната година.
Наставниците кои предаваат македонски се организирани во „Македонското учителско друштво на Викторија“, кое во соработка со ОУ „Лајлор Норт“ организира сесии за читање за деца од претшколска возраст од 1 до 5 години, а преку приредби и културни настани ги чествуваат македонските празници и датуми од национално, културно и верско значење.
Наставничките од ОУ „Лајлор Норт“ секоја година ја посетуваат Агенцијата за иселеништво и се благодарни за учебниот материјал и лектирите со кои Агенцијата за иселеништво го помага наставниот процес.
На средбата директорот Горан Ангелов се заблагодари за посетата, упати честитки до сите наставници во ОУ „Лајлор Норт“ и во саботните и неделните училишта во Мелбурн, за заложбите и трудот да се учи и негува македонскиот јазик на најдалечниот континет. Исто така, упати благодарност и до образовните институции на Викторија и Мелбурн за можноста преку двојазично државно училиште да се учи македонскиот јазик од страна на најмалите генерации иселеници.
Како и секоја година, Агенцијата за иселеништво испрати учебници и лектири за потребата на наставниците и учениците.