Со гордост и достоинство, македонската заедница во Трентино ја претстави својата татковина пред италијанската јавност. Настанот организиран од Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ уште еднаш покажа дека македонската традиција, култура и обичаи се живо наследство што ја обединува дијаспората и ја пренесува силата на идентитетот и корените.
Агенцијата за иселеништво упатува искрена благодарност до организаторите и учесниците, кои преку песна, игра, народна носија, збор и вкус го претставија духот на Македонија.
Од Македонското културно друштво испратија порака полна со емоција и љубов кон Македонија:
„Ви благодариме од срце на сите вас што одвоивте време, енергија и љубов! Ви благодариме што овде, во Италија, ја претставивте нашата татковина на достоинствен и горд начин… Нека оваа средба биде потсетник дека каде и да сме, срцето ни чука во ритамот на нашата култура. Продолжуваме да градиме мостови, да чуваме вредности и да го носиме македонското со гордост.“
Агенцијата за иселеништво оценува дека ваквите средби не се само културни настани, туку и живи мостови меѓу Македонија и светот, кои ја зацврстуваат врската на дијаспората со своите корени.