25
За време на службената посета на регионот Пиемонте, директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, оствари работна средба со градоначалникот на Ница Монферато, Симеоне Носензо. Средбата се случи на иницијатива и прекрасна организација од страна на Македонското друштво „Камен Мост (Il Ponte di Pietra)“, чии членови се од Ница Монферато и Канели. Тие повeќе од 15 години работат неуморно на промоција на македонската култура и традиција, како и на соработката помеѓу локалните општини каде што живеат и работат голем број Македонци во Италија и институциите на Република Македонија.
Средбата се одржа во просториите на Општината Ница Монферато во присуство на советници и претставници од Општината, претставници од Македонското друштво „Камен мост“ како и делегацијата на Агенцијата за иселеништво.
Директорот Ангелов го информира градоначалникот Носензо за надлежностите на Агенцијата за иселеништво околу грижата за правата, положбата и културниот развој на иселениците и дека голем број на македонски граѓани се доселуваат во Италија, наидувајќи на топол прием, почит, можности за интеграција и широки врати во сите гранки од стопанството.
Градоначалникот потврди дека во општината Ница Монферато живеат голем број Македонци веќе над 30 години и тие се активен дел од напредокот и опстојувањето на општината. Со тоа се создава еден мост на пријателство и партнерство помеѓу двете држави и во иднина е можна посета од нивна страна, бидејќи по многу нешта се чувствува испреплетеност на културите на Р Италија и Р Македонија.
Директорот Ангелов информира дека и Р Македонија изобилува со архелошко богатство и културно наследство и му подари на градоначалникот Носензо сувернир, копија од мозаик од Хераклеа.
Претставниците на Здружението „Камен мост“ информираа дека благодарение на Општината и Католичката парохија за Ница Монферато, успеале да го реализираат долгогодишниот сон, да им се овозможи користење на објект кој порано претставувал религиозен и едукативен центар, а денес ќе добие карактер на македонски културен и верски центар каде Македонците од Ница Монферато, Канели и околината ќе ги остваруват своите фолклорни, училишни и верски активности.
За таа цел директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов изврши посета на назначениот објект и им посака успеси во работењето.
Во рамки на програмата градоначалникот, Симеоне Носензо, во придружба на советниците од Општината ги покани гостите да го посетат Градскиот музеј за гастрономија, како и една од најпознатите фабрики за алкохолни пијалоци во регионот, „Берта“.