Home » Наставничката по македонски јазик Снежана Тесовиќ од Торонто ја посети Агенцијата за иселеништво

Наставничката по македонски јазик Снежана Тесовиќ од Торонто ја посети Агенцијата за иселеништво

by Rebeka Spasova
19 views
Наставничката по македонски јазик, Снежана Тесовиќ, во Торонто, Канада, престојот во татковината го комплетираше со посетата на Агенцијата за иселеништво, како единствена надлежна институција со која имала непречена соработка и поддршка и кон која чувствувала желба, обврска и потреба да ја посети во знак на благодарност и зацврстување на врската, како и информирање за состојбите на училиштето и заедницата.
 
На средбата, наставничката Тесовиќ, по потекло од Куманово, информира дека училиштето по македонски јазик во Торонто е во рамки на МПЦО „Св.Климент и Охридски“, во чии простории се одржува наставата еднаш неделно за време на Богослужбата, по што учениците присуствуваат на светата причест и продолжуваат со други секции кои ги нуди Црковната општина, најчесто во фолклорната група – Ансамблот „Македонка“, под водство на Петер Зискос и Вики Велјанов Зискос и во Карате клубот кој го води Кристофер Толевски.
 
Со еден збор, Црковната општина ги нуди сите можности младите да ги негуваат мајчиниот јазик, верата, фолклорот и традиционалните вредности и да се пренесуваат на идните генерации.
Програмата и часовите, Снежана Тесовиќ ги организира и креира самостојно според своето искуство како наставник за предучилишна возраст во рамки на канадскиот образовен систем.
 
Покрај комбинираната настава за деца, има организирано и настава за возрасни кои се 3 – 4 генерација на иселеници со македонско потекло и кои сакат да го научат јазикот на своите претци, што претставува голема радост и мотивација за наставничката.
 
Како поздрав од Црковната општина, наставничката Тесовиќ донесе печатено издание од списанието „Македонија“, како и издадена книга со творби од учениците „Приказни од Торонто“.
 
Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, се заблагодари за посетата, за исцрпните информации и упати честитки за заложбата на наставничката и целата Црковна општина „Св.Климент Охридски Торонто“, како пример за најорганизирана заедница која оваа година ќе слави 60-годишен јубилеј од основањето.
 
За потребите на наставата, директорот Ангелов испрати учебници, лектири за најмладите и други едукативни материјали.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2025 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе