13
На 25 ноември во Берн се одржа работен состанок помеѓу Македонскиот национален совет и Македонската амбасада во Швајцарија. На состанокот присуствуваа Амбасадорот Реџеп Демири и неговата заменичка, како и членови на раководството на МНС (Илчо Китанов, Гонца Перунковска и Ердован Етоски).
На состанокот во траење од 4 часа се разговараше за сите отворени прашања помеѓу амбасадата и претставниците на македонската дијаспора во Швајцарија (поплаките од граѓаните околу употребата на македонскиот јазик во амбасадата, истакнувањето на македонското знаме, недостапноста и неодговарање на меилови, досегашното отсуство на соработка со МНС како најголемо претставничко тело на македонската дијаспора во Швајцарија и многу други прашања кои беа доставени на адреса на МНС). Беше истакнато дека Петицијата покрената од страна на МНС произлезе како резултат на овие поплаки, со кои беше изразен револтот на македонските граѓани од сопствената амбасада во Берн.
Заеднички беше констатирано дека пропусти во работењето на амбасадата не смее да има и дека тоа е во интерес на сите македонски државјани кои живеат и работат во Швајцарија. Амбасадата треба да биде претставник на државата и на сите нејзини граѓани, без разлика на етникум, религија и политичка определба. И без никаков ексклузивитет.
Состанокот беше конструктивен и на него се договорија основите за идната соработка на МНС со амбасадата. Во најскоро време, на покана на амбасадорот и заедничка организација со МНС, ќе биде реализиран состанок со претседателите на сите македонски друштва кои се дел од МНС, во просториите на амбасадата во Берн.
Договорено е заедничко организирање на “Конзуларни денови“ во неколку швајцарски градови каде што има голема концентрација на Македонци, на кои ќе биде присутен Амбасадорот и вработени од амбасадата. На овие конзуларни денови ќе биде презентирана работата на амбасадата, а вработените од амбасадата ќе одговараат и на прашања од
македонските граѓани.
МНС го поздравува ова отворање на вратите на нашата амбасада за сите македонски граѓани, друштва и асоцијации и ја истакна потребата од почести вакви средби, на кои ќе се разговара отворено за проблемите кои доведуваат до револт и недоразбирања.
Од амбасадорот беше изразена поддршка за МНС, како претставничко тело на македонската дијаспора во Швајцарија, преку кое ќе се регулира соработката со македонските асоцијации и здруженија, ќе се ажурира листата на активни друштва, со цел да се промовираат нивните активности од страна на амбасадата.
На состанокот се поставија темели за соработка на повеќе полиња и проекти, со цел за поактивно промовирање на Македонија, македонските асоцијации, друштва и успешни поединци во Швајцарија.


