Денес, во просториите на Агенцијата за иселеништво, од страна на г-ѓа Татјана Гогоска беа донесени преку 3000 книги и стручна литература како донација за училиштата по македонски јазик во странство.
Г -ѓа Татјана Гогоска на претходно остварена средба со директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, информира дека донацијата е во име на нејзината почината мајка, м-р Ленка Гогоска, која за време на својата професионална кариера како одделенски наставник, самостоен педагошки советник и професор по дидактика и педагогија има создадено богата литература чии примероци сакала да ги донира на училиштата, здруженијата и другите организирани форми кои дејствуваат во насока на чување и негување на македонскиот јазик во иселеништво.
Директорот, Слободан Близнаковски, за овој хуман подвиг, на г-ѓа Татјана Гогоска ѝ врачи благодарница, а за нејзината мајка, м-р Ленка Гогоска, постхумно додели Плакета за донација на македонска литература наменета за иселеништво. Агенцијата за иселеништво ги информираше иселеничките организации и училиштата по македонски јазик за донацијата и тие покажаа голем интерес за овој вид на стручна литература која ќе го збогати нивниот библиотечен фонд и ќе биде од полза на наставниците кои ја водат наставата по македонски јазик во странство.