11
Во предвечерието на големиот концерт на КУД “Македонија” Уна, во организација на раководството на друштвото Јоне Ничовски и Ана Петровска, директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов оствари работна средба со првиот советник на градоначалникот на општина Уна, Сандро Вигерих, во просториите на општината.
Советникот Вигерих се заблагодари на посетата и ја изрази својата восхит од долгогодишното опстојување на друштвото промовирајќи ја македонската култура и фолклор, притоа учествувајќи на сите културни, социјални и гастрономски настани организирани од општината.
Советникот се надева дека наскоро ќе има можност да ја посети Македонија, земјата од каде потекнуваат голем број на негови сограѓани.
Директорот Ангелов го информира советникот Вигерих за надлежностите и програмите на Агенцијата за иселеништво, се заблагодари на приемот и на поддршката што општината и советот ја дават на КУД “Македонија” Уна и му подари на советникот сувенир, филигранска пеперутка.
Ана Петровска информираше за важноста на учењето и чувањето на мајчиниот јазик за поквалитетна интеграција во германското општество. Сите присутни се согласија соработката да продолжи преку поврзување и заеднички проекти со основни и средни училишта од Македонија по примерот на веќе воспоставената соработка со гимназијата Орце Николов.
Директорот Ангелов информира дека Агенцијата за иселеништво ќе ги поддржи сите наведени предлози, особено во остварувањето на можноста да се формира настава по македонски јазик, финансирана од страна на германските образовни власти, вклучена во редовниот образовен систем.

