Home » Богојавление – Водици 2026 радосно одбележано во Шепертон, Викторија

Богојавление – Водици 2026 радосно одбележано во Шепертон, Викторија

by Stanela S
7 views
ПРАЗНИКОТ БОГОЈАВЛЕНИЕ РАДОСНО ОДБЕЛЕЖАН ВО ШЕПЕРТОН, ВИКТОРИЈА
Прва богослужба на македoнски јазик по цели 30 години
На ден 19 јануари 2026 година, кога Православната црква го прославува големиот Господов празник Крштение на Господа Исуса Христа – Богојавление (Водици), во Шепертон се одржа историско богослужение и свечено одбележување на празникот, со што по цели три децении повторно се изврши православна богослужба на македонски јазик.
Благодарение на особена пастирска активност и загриженост на Австралиско-сиднејска епархија за сите свои чеда, со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан оваа година и македонците во Шепертон го слушнаа сепразничниот поздрав: Бог се јави! – на нашиот мајчин македонски јазик. На богослужението присуствуваа голем број верници и членоци на многубројната македонска заедница, која веќе 70 години живее во Шепертон.
Овој настан претставува значаен духовен и национално-културен момент за македонската заедница во Шепертон и пошироко, сведочејќи за живата вера, истрајноста и стремежот кон зачувување на македонскиот јазик и православната традиција во дијаспората.
Со богослужбата и чинот на осветување на водата со полагање на Светиот Крст началствуваше отец Гаврил (Галев), игумен на манастирот во Кинг Лејк. Со молитвено достоинство и пастирска ревност, отец Гаврил ја изврши светата служба, внесувајќи радост, утеха и духовно обновување меѓу присутните верници.
Присутните со особени среќни чувства го доживеаја овој празничен чин, кој не беше само литургиски настан, туку и обнова на црковниот живот на македонската заедница при својата матична и мајка црква МПЦ-ОА, потсетување на корените и завет за иднината – дека верата, јазикот и црковниот идентитет не се губат, туку се обновуваат таму каде што има љубов, заедништво и жива Црква.
Ова Богојавленско богослужение во Шепертон останува запишано како сведоштво и темел за духовно воскресение, како надежен знак дека македонската православна традиција и понатаму ќе живее и ќе се пренесува на идните поколенија, дури и далеку од татковината.
Во таа насока следниот период ќе се работи на основање на македонска црковна општина во тој град.
Бог се јави!
За многу години!

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе