Home » Во Нови Сад одржано предавање на тема „Значењето и развојот на македонскиот јазик и литература“ на проф.д-р Сандра Субиќ

Во Нови Сад одржано предавање на тема „Значењето и развојот на македонскиот јазик и литература“ на проф.д-р Сандра Субиќ

38 views

ЛИТЕРАТУРНО-ПОЕТСКА ВЕЧЕР ОДРЖАНА НА 28.05.2023.  ВО ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИТЕ НА ВОЈВОДИНА

Прекрасно предавање одржа г-ѓа проф. Сандра Субиќ: ЗНАЧЕЊЕТО И РАЗВОЈОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА и ги  заитересира сите присутни со убавото предавање, бидејќи мајчиниот  јазик треба да се чува и негува.

Јазикот е основното средство за комуникација.

Јазикот не служи само за луѓето да си разменуваат зборови, мисли и чувства. Јазикот служи за еден народ да го зачува својот национален идентитет. Така и за нас, нашиот мајчин јазик е една од основните национални обележја, по кое се препознаваме во светот.

Мајчиниот јазик е нашиот корен што не е создаден денес, туку е создаден во далечното минато.

  • нè води до нашите Просветители Светите браќа Кирил и Методиј, и денес имаме непроценливо богатство – современ литературен македонски јазик.

Македонскиот јазик спаѓа во семејството на јужнословенските јазици, се разликува од останатите словенски јазици, и тоа со: немање падежи, односно деклинација, третосложен определен и динамичен акцент.

Македонскиот јазик во првата половина на XIX век се поклопува со погледите за јазикот на нашите претставници: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски. Нивното дело го продолжуваат: Ѓорѓи Пулевски, Партенија Зографски, Кузман Шапкарев и Јордан Константинов-Џинот.

Кодификацијата на македонскиот литературен јазик, започнува со решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, со официјалното усвојување на македонската азбука и на македонскиот правопис.

Како клучна фигура која има значаен придонес за кодификацијата на македонскиот литературен јазик и за стандардизацијата на литературно јазичната норма се јавува Блаже Конески.

Современата македонска азбука се темели на кирилската азбука на Крсте Петков Мисирков. Азбуката е составена од вкупно 31 буква, од кои 5 самогласки и 26 согласки.

Македонскиот јазик е службен и национален јазик во Македонија, а воедно е и официјално признат како регионален службен јазик во Горица и Пустец во Албанија каде што живее бројно македонско население, и во Србија како официјален во општините Јабука и Пландиште, и останатата македонска дијаспора.

Како што се развива еден јазик, така се развива и литературата на тој јазик, Крчовски и Пејчиновиќ за да му се приближат на неукиот народ го користат народниот говор и на истиот тој јазик ги отпечатуваат своите книги – првите книги на народен македонски јазик (1814).

Кон средината на 19 век се појавува Романтизмот, преродбата во Македонија, со будење на националната свест: воведување на македонскиот (народен) јазик во училиштата; составување, печатење и собирање народни умотворби. Најзначајни личности од овој период се браќата Миладиновци (Димитар и Константин), Рајко Жинзифов, Григор Прличев и др.

Следниот крупен чекор, претставува книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903), која била веднаш запалена и уништена за да не дојде до сите Македонци да се спречи (или барем одложи) идејата за посебноста и создавањето на своја држава. Секако, не треба да го заборавиме и Ѓорѓи Пулевски.

По услови на распарчена Македонија, по Балканските војни и Првата светска војна, развојот на македонската литература не запира. Во овој период особен процут доживува македонската драма и театар, со битово-социјалните драми на Васил Иљоски, Антон Панов и Ристо Крле, како и конечното отпечатување на збирките поезија на Кочо Рацин, Венко Марковски, Коле Неделковски.

По Втората светска,војна Македонија добива своја држава, свој литературен јазик, своја самостојност. Македонската литература има тенденција жанровски да се надополни, развиток на романот кој стана жанровски приоритет на македонската современа литература.

Првиот роман на македонски јазик го отпечатува Славко Јаневски „Село зад седумте јасени“. А напишан пред него, но чекајќи за печат е романот на Стале Попов „Крпен живот“. Стојан Христов, во Америка, на англиски јазик, но со македонска содржина уште во 1937 година го отпечатува романот „Мара“. Во збогатувањето на македонската литература со романи веднаш по војната учествуваат и: Ѓорѓи Абаџиев, Владо Малески, Симон Дракул и др.

Од повоениот развој на македонската литература се вбројуваат авторите: Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Радован Павловски, Димитар Солев, Ташко Георгиевски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Томе Арсовски, Горан Стефановски, и др.

Денес може да кажеме дека македонскиот јазик по многу предизвици низ историјата, претставува целосно оформен и современ литературен јазик, но сепак, не треба да се застане тука,бидејќи јазикот е непресушен извор којшто треба постојано да се негува, да се надградува и, секако, да се зачува,пренесувајќи го на идните поколенија. За да може народот да си ја зачува својата култура и националниот идентитет, мора да го чува својот јазик, да го негува, и пред сè со гордост да ја зачува убавината на македонскиот збор. Како што убаво кажал големиот Крсте Петков Мисирков: ,,Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже од народниот дух“.

Со слични зборови продолжи исто така големиот Блаже Конески, па вели: ,,Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“.

Прекрасното предавање продолжи со интерпретација на убавите стихови на нашите членови од Здружението :  Златко Јанкулоски, Васка Чергоска, Соња Мициќ и Сандра Субиќ од нашите истакнати поети:  Кочо Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов и Анте Поповски, (во текстот е даден по еден стих)

Анте Поповски – Две тишини

Ти конечно ме бакна,

и како и овие дождови и секавици,

како и овие ветришта,

ме окова за себеси,

и тоа што веќе меѓу нас се случи

сега и Бог – господ

не може да го спречи.

Ацо Шопов – На езеро

Кога ќе се разбранам и толку развилнеам

та да се кренам, да стигнам насекаде,

да давам секому сè што ветувам

и како далга неукротена

од брег на брег

моќно да прелетувам?

Кочо Рацин – Денови

Како на вратот ѓердани

ниски камења студени,

така на плешки денови

легнале та натежнале.

Денови ли се – денови

аргатски маки големи!

 

Блаже Конески – Везилка

Везилке, кажи како да се роди

проста и строга македонска песна

од ова срце што со себе води

разговор ноќен во тревога бесна.

– Два конца парај од срцето, драги,

едниот црн е, а другиот црвен,

едниот буди морничави таги,

другиот копнеж и светол и стрвен.

 

Анте Поповски – Македонија

Еве ја таа проста земја од заморено дишење и од молк,

низ која времето одминува и пак се враќа,

со неа да го сподели лажното траење.

О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање,

што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски,

а никој не ја знае.

Текстот го подготвија: Сандра Субиќ и

Васка Чергоска

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2024 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе

error: Content is protected !!