11
Kонцерт на македонска музика во Мадрид во организација од страна на Шпанско – македонско културно здружение „СОНЦЕ“
Во саботата, на 22 ноември се одржа концерт на македонска музика во културниот центар „Николас Салмерон“ во Мадрид. Настанот беше збогатен со учество на истакнати музичари , меѓу кои Александра Поповска — една од најдобрите македонски вокалистки која живее и работи во Холандија, придружувана од шпанскиот пијанист Раул Сантана.
Настапија и други македонски уметници, како и уметници кои живеат и работат во Шпанија:
Елена Цветкова, Ангел Цветков, Благој Глушков и Димитар Глушков кои изведоа разновиден репертоар што комбинираше традиционални композиции со македонски евергрини. Сите тие придонесоа концертот да има исклучително висок уметнички квалитет.
Салата со капацитет од околу 250 лица беше целосно исполнета, а голем број посетители останаа надвор поради огромниот интерес.
На концертот присуствуваа членови на дипломатскиот кор акредитирани во Шпанија, вклучително и претставници од повеќе земји од Балканскиот регион, како и амбасадори од други европски држави. Настанот беше најавен и на официјалната веб-страница на Град Мадрид, со што неговата видливост значително се зголеми.
Паралелно со концертот, се одржа и фотографска изложба со дела од шпанскиот фотограф Алваро Лагос, кој прикажува познати и препознатливи локации од Република Северна Македонија. На овој начин, шпанската публика имаше можност да се запознае со македонската култура и убавините на нашата земја преку визуелен и уметнички приказ.
Шпанско – македонско културно здружение „СОНЦЕ“
изрази благодарност до Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која ни обезбеди промотивни материјали за нашата земја, што им ги поделивме на присутните гости. На овој начин, посетителите имаа можност подобро да се запознаат со туристичките потенцијали на Република Северна Македонија.
Проектот беше реализиран во соработка со Амбасадата на Република Северна Македонија во Мадрид и со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, што овозможи да прикажеме силна и целосно успешна културна презентација.
Македонската заедница во Мадрид беше исклучително горда, а одзивот од шпанската публика беше извонреден. Интересот за македонската музика, традицијата и културното наследство беше навистина голем.
Овој концерт претставува значаен чекор во меѓународната промоција на македонската култура и во зајакнување на нашето културно присуство во Шпанија.
Габриела Тоневска
Генерален секретар
Шпанско – македонско културно здружение „СОНЦЕ“



