28
Денес, Агенцијата за иселеништво ја посети Отец Оливер Новески, свештеник во МПЦО „Св. Климент Охридски“ во Берлин.
На средбата со директорот Горан Ангелов, Отец Новески информира за активностите на Црковната општина, која поради зголемениот број на Македонци кои се иселуваат во Берлин, постојано расте и се развива.
Со долгогодишни напори, сложно работење и со поддршка од верниците, конечно, минатата година се поставија темелите на новиот Храм, кој нема да биде само духовен и религиски центар, туку ќе биде втор дом во кој ќе се негува македонската култура, јазик и традиции. Имено, во рамки на новиот црковен објект се предвидени и простории за наставата по македонски јазик, за фолклорна секција и сали за прослави и културни манифестации.
Управниот одбор и свештеникот Новески се во постојана комуникација со верниците и за време на чествувањето на празниците и јубилеите приредуваат топол пречек за луѓето да се чувствуват како дома и да си помагат меѓусебе.
Директорот Ангелов се заблагодари за информациите и истакна дека Агенцијата за иселеништво и понатаму ќе дава поддршка на активностите на Црквата и за потребите на наставата по македонски јазик испрати учебни помагала, меѓу кои и Буквар – боенка, издание подготвено од самата наставничка која ја држи наставата по македонски јазик во Берлин, Ана Матовска Смилевска.