12
На 17-18 мај 2025 г. се одржа 24-тото редовно годишно Епархиско собрание на Европската епархија на МПЦ-ОА во Порденоне, Италија. Собранието свечено го отвори надлежниот епархиски архиереј, Неговото преосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, кој се обрати со топол поздрав и пастирска порака до сите присутни делегати. На свечениот дел свое обраќање имаа Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Г-ѓа Фросина Ременски, генерален конзул на Република Северна Македонија и Г-дин Горан Ангелов, директор на Агенцијата за иселеништво.
По свечениот дел, започна работниот дел на Собранието, кој траеше речиси пет часа со активно учество на сите делегати. Со внимание и сериозност беа разгледани и анализирани состојбите во Епархијата за изминатата 2024 година, како и реализацијата на планираните активности. Дискусиите опфатија широк спектар на теми – пастирски, мисионерски и административни – при што беа донесени и насоки за дејствување во наредниот период.
Заедништвото, љубовта и слогата беа видливи во секој момент од работата на Собранието. Делегатите, и покрај предизвиците, со поддршка од своите духовни водачи – парохиските свештеници, покажаа искрена посветеност за добро на своите црковни општини и за зацврстување на духовниот живот на Македонците во дијаспората.
На крај беше организирана и мала прослава каде со благодарност и срдечност, беа упатени пофалби до домаќините МПЦО „Собор на сите македонски светители“ во Порденоне, Италија – за нивното несебично гостопримство и организациска подготвеност. Во текот на сите три дена, сè беше уредно, навремено и со внимание обезбедено за секој делегат. Вистинска потврда за христијанското гостољубие и братска љубов.