Home » Успешно реализирана Летна школа по македонски јазик и култура во Велики Лошињ – „Лошињски мостови, 2025“

Успешно реализирана Летна школа по македонски јазик и култура во Велики Лошињ – „Лошињски мостови, 2025“

by Rebeka Spasova
10 views
 
Во периодот од 24 јуни до 1 јули 2025 година, во Велики Лошињ (Република Хрватска), успешно се одржа Летната школа по македонски јазик и култура наменета за учениците од ОУ „Иван Бенковиќ“ и ОУ „Јосип Зориќ“ од Дуго Село, Р Хрватска.
 
Овој значаен образовно-културен проект беше целосно финансиран од Министерството за образование на Република Хрватска, а кофинансиран од Градот Дуго Село. Подносители на проектот се Хрватско-македонското друштво, претседателката на Друштвото, Јудита Реј Худачек, и Лена Ѓапиќ, додека главен организатор, координатор и водител на наставата беше Бранкица Богатинов, дипломиран инженер по биологија и наставник по биологија и македонски јазик во двете основни училишта во Градот Дуго Село.
 
Во реализацијата на наставниот процес учествуваа и наставничката Катарина Павелиќ, професор по биологија и хемија, како и волонтерката Мирјана Фунтек, која со своето ангажирање придонесе кон успешна логистичка и едукативна поддршка.
 
Програмата на школата беше дизајнирана според возраст, јазично ниво и интереси на учениците. Наставата беше поделена во два дневни модула: утрински часови насочени кон структуриран пристап на усвојување на граматичките и јазичните правила; попладневни активности  со фокус на комуникација, игри, песни, дијалози и говорни вежби, кои поттикнаа активно учество и работа во тим.
 
Методологијата вклучуваше работа во парови и групи, употреба на аудио-визуелни материјали, комуникациски работилници, изразување мислења и интерпретација на текстови, при што учениците активно го користеа македонскиот јазик во реални ситуации.
 
Во рамки на летната школа беа реализирани и повеќе теренски посети и активности, при што учениците имаа можност да го применат стекнатото јазично знаење во практичен контекст. Посетен беше Музејот „Апоксиомен“ во Мали Лошињ, каде учениците се запознаа со археолошкото значење на уникатната античка бронзена скулптура. Преку јазични задачи (опишување, прашања, пишување, осврт) ја развиваа својата способност за изразување на македонски јазик. На Институтот „Синиот свет“ во Велики Лошињ, пак, се одржа предавање и едукативна работилница за заштита на морските цицачи. Учениците учествуваа во хуманитарната акција „Посвои делфин“, каде изработуваа пораки и говори на македонски јазик за зачувување на морската средина. На плажата „Чикат“ беше организирана рекреативна активност со јазични игри на отворено: дијалози, пантомима, глумење секојдневни ситуации, квизови и други говорни задачи на македонски јазик.
 
На крајот од школата, учениците полагаа завршен тест, по што добија Потврди за учество, со што се потврди нивниот напредок во сите четири јазични компетенции: слушање, зборување, читање и пишување.
 
Преку овој проект, младите Македонци од дијаспората како и децата од хрватско потекло ги зајакнаа своите јазични и комуникациски вештини, се запознаа со културата, историјата и географијата на Македонија, развија еколошка и општествена свест и, најважно, се поврзаа меѓусебно и со своите корени, градејќи чувство на идентитет, припадност и гордост.
 
Овој проект уште еднаш ја потврдува важноста на соработката меѓу државните институции, локалната самоуправа и македонските здруженија во дијаспората, во насока на зачувување и промоција на македонскиот јазик и култура во странство.
 
Пораката на крајот од Летната школа е:  „Секој збор на мајчиниот јазик што ќе го изговориме е чекор поблиску до нашите корени и наша иднина. Да го чуваме јазикот значи да се чуваме себеси.“
 

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2025 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе