16
Селото Мелница во Општина Чашка, и оваа година беше домаќин на културниот настан „Мелнички средби – 2025“, кој се одржа во петок, на 25 јули, со почеток во попладневните часови. Третите по ред „Мелнички средби“ имаа за цел поврзување на иселените мелничани од Швајцарија, Германија, Шведска, Турција и САД и прослава на заедништвото, традицијата и културата.
Организатор на средбата е Здружението на граѓани за граѓански иницијативи „МЕЛ – МЕЛ 2023“ од Мелница, во соработка со здружението „МАК–МЕЛ“ од Бургдорф, Швајцарија и огранокот во Бон, Германија, со поддршка од Општина Чашка и Агенцијата за иселеништво.
Поздравни говори пред големиот број на присутни имаа претседателот на Здружението „МАК-МЕЛ“ од Бургдорф, Швајцарија, Ердован Етоски, директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, и градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски. Сите во своето обраќање го истакнаа значењето на овие културни настани за чувањето на традицијата и културата во иселеништво, како и одржувањето на врските со татковината.
Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, во своето обраќање ја истакна важноста на создавање на услови за повратниците од странство и обезбедување на сет мерки за побрза реинтеграција на оние кои сакаат да се вратат и да го продолжат животот во Република Македонија.
На забавниот дел настапија Kултурното-уметничко друштвo од Мелница, Културно-уметничкото друштво „Тодор Јанев“ од населба Чашка, Културно-уметничкото здружение „Карпош“ од Крива Паланка, а македонски народни песни изведоа Сузана Гавазова и групата КИСМИ.