3
Наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга поезија од иселеник напишана помеѓу две изданија на Струшките вечери, со одлука од страна на Комисијата при СВП, оваа година припадна на авторката Ратка Колева Дамњановиќ од САД, Флорида, за книгата „Кораб“.
Наградата беше врачена на 23 август 2025 година во рамки на официјалната програма на Струшките вечери на поезијата во Струга, од страна на директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов.
Во обраќањето кон Агенцијата авторката истакна:
-Почитуван директор Ангелов,
Ви благодарам од срце за честитките и за престижната награда. Голема благодарност и до жири комисијата при Струшките вечери на поезијата што ја избраа мојата книга како најдобра. Голема чест ми е да бидам добитник токму на ова признание, особено затоа што Стојан Христов живеел и творел на истиот континент каде што и јас емигрирав – во Америка. Неговите искуства ми се добро познати и ќе продолжам да се залагам за отворање нови можности македонските иселеници да пишуваат и да објавуваат свои дела од дијаспората.
Како поранешен новинар на Млад Борец, би сакала да се вклучам и во новинарските кругови на македонската дијаспора. Изминатиов период бев целосно посветена на моето професионално ангажирање и на докторските студии во областа на биомедицинското инженерство, но љубовта кон пишувањето секогаш била присутна и ја негувам во слободното време.

Како што рекол Стојан Христов во својот запис “Пола американец”:
“Што е резултатот од оваа долга бременост во утробата на Америка? И покрај подготвеноста и ревноста со која се фрлив во котелот за топење, јас сè уште не сум целосно Американец, и никогаш нема да бидам. Тоа не е моја вина. Направив сè што можев. Америка не ме прифати. Америка бараше повеќе — бараше целосна трансформација, внатрешна и надворешна. Тоа е невозможно за една генерација. Тогаш, која е мојата судбина? Што сум јас? Дали сè уште сум тоа што бев пред да дојдам во Америка, или сум пола Американец, пола нешто друго? Во тоа, точно таму, лежи нашата трагедија. Јас не сум ни едното, ни другото — јас сум сирак. Духовно, физички, јазично — не сум целосно припитомен.”
Времињата се сменети, сега е полесно човек да се претопи со напредокот на технологијата, но сепак со наша лична заложба и свесен напор се трудиме да не се претопиме и да го пренесеме нашето културно наследство и јазик на нашите деца преку пишаниот збор.
Оваа година 7 автори конкурираа за наградата „Стојан Христов“. Агенцијата за иселеништво им заблагодари на учесниците за учеството, за соработката со Агенцијата за иселеништво и за присутноста во сите нејзини активности, бидејќи за нас сите имаат еднакво значење. Од непроценлива вредност е мисијата, да пишуваат и да го негуваат мајчиниот јазик далеку од дома, оставајќи трага за идните поколенија!