Директорот на Агенција за иселеништво, Горан Ангелов, оствари работна средба со Градоначникот на Општина Виница, Миле Петков.
Во рамки на средбата градоначалникот имаше можност да се запознае со некои од приоритетните планови и активности кои се на листата за остварување на мисијата на Агенцијата за иселеништво, односно за работите кои се вршат, а се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија, унапредување на нивниот културен развој, запознавање со состојбата во Македонија како и создавање услови за враќање на иселениците во Македонија и нивно вклучување во економскиот и јавниот живот во Република Македонија.
Директорот Ангелов информираше дека веќе се работи на подготовки за реализирање на неколку проекти, како што се: овозможување на услови за посета на настава на македонски јазик во училишта каде има поголем број на наши иселеници, преку наставници кои ќе бидат обезбедени од Агенцијата; формирање на канцеларии во градовите каде иселеништвото е на повисок степен, преку кои нашите иселеници ќе можат на многу полесен и поедноставен начин да добиваат информации и координации за одредени прашања и проблеми; како и овозможување на поголеми бенефиции за враќање на иселеници.
Градоначалникот посочи дека како Општина можат да придонесат многу за да ја одржиме комуникацијата и координацијата со иселениците, а секако и за нивно враќање во родното место, со цел да го јакнеме и унапредуваме општеството, а воедно да го зачуваме и негуваме нашиот македонски интегритет. Општината се заложи да вложи многу повеќе напори за остварување на целите.
Во рамки на презентирањето на својата Програма, директорот беше во посета токму на неговиот матичен град Виница по само неколку дена по стапувањето на функцијата Директор на Агенцијата за иселеништво. За остварување на една мисија најважни се чувствата кои ги имаме за корените и родното место.
Двете страни се согласија дека соработката ќе продолжи на многу повисоко ниво.