Home » Промоција на романот ,,Повратник со две лица” од Ивица Челиковиќ

Промоција на романот ,,Повратник со две лица” од Ивица Челиковиќ

by Stanela S
8 views
Романот отвора сериозни егзистенцијални, морални и филозофски дилеми. Растргнат меѓу копнежот и можноста, вината и искупувањето, главниот лик Нестор залудно се обидува да најде смисла во сенките на сопствената совест и да се ослободи од тежината на минатото. Со мајсторско испреплетување на реалноста и сонот, на минатото и сегашноста, во една напати кафкијанска атмосфера, тој се обидува да го разгатне неразјаснетото загинување на сестра му. Решен да ја открие вистината, повторно влегува во лавиринтот од недокажаности, замолчени сведоци и поткупени адвокати, административни пречки…
* * *
‒ Повелете, седнете – рече адвокатот бришејќи го челото со хартиено марамче.
‒ Благодарам. Долу под вашата канцеларија порано имаше бурекчилница. Колку што се сеќавам, правеа и добри пастрмајлии.
‒ Да, така е, но одамна е затворена. Пред малку ви зазборев за разноразни копуци и копитари кои мислат дека сè што лета се јаде, дека сè може да се купи…. имаше тука многу тврдоглавење, глумење непопустливост, но најпосле се реши проблемот. Ни требаше тој деловен простор, мојот син и снаата се стоматолози, знаете, нивните пациенти се многу задоволни, постојано ги фалат, разбирате.
‒ Да, разбирам, секако дека разбирам, работите се менуваат. Не знам дали вие ме разбравте зошто сакав да ве сретнам.
‒ Да, мислам дека беше нешто во врска со вашата сестра…
‒ Во врска со целото мое семејство – го прекина погледнувајќи го остро, а потоа се подисправи на столот плашејќи се да не биде сфатен на несоодветен начин.
‒ Каква помош очекувате од мене?
‒ Мојата сестра Марија почина пред шест години од последиците на сообраќајната несреќа што ја предизвика нејзиниот сопруг. Се враќале од патување во Бугарија. Возилото со голема брзина излетало од патот и удрило во дрво. Во багажникот на автомобилот биле најдени повеќе пакети наркотици и неколку парчиња оружје.
‒ Да, се сеќавам, многу се зборуваше за тоа. Жал ми поради вашата сестра. Не знам што би можел да кажам… можам само да ви изразам сочувство. И со вашиот татко разговарав за тоа неколкупати. Тоа беа тешки моменти. Но тој случај е одамна затворен. Не знаев за што се работи кога ми се обративте, но сега малку ги поврзав нештата. Имаше многу кажувања околу целата таа работа. Не велам, имаше и некои нејаснотии, но тоа што вие го кажувате никогаш не доби јасна потврда, не беше докажано. Вашиот тогашен зет беше соочен со сите обвинувања, но најпосле, кога заврши судскиот процес, беше докажано оти е невин.
‒ Мојот зет… мислите синот на градоначалникот.
‒ Да, така е, но тоа што е син на градоначалникот не може по автоматизам да му се земе како отежнувачка околност. Можам да ви кажам дека не бев директно ангажиран околу тој случај, но се разбира дека поради големото интересирање во јавноста ги следев деталите.
Завладеа тишина. И двајцата молчеа некое време. Адвокатот го спушти погледот и продолжи да седи неподвижно, надевајќи се дека разговорот е на пат набрзо да заврши. Веројатно беше претпазлив да не изусти нешто што во тој момент би звучело чувствително и би можело уште повеќе да ги разбуричка емоциите. Но според сериозниот израз на лицето, очигледно сакаше да остави впечаток дека зборуваше само за факти и дека немаше намера од каква било причина да се впушта во нивното оспорување.
‒ Но зарем е можно дека не сте слушнале? На местото на несреќата имало и очевидци. Извесно лице, не би сакал сега да изнесувам имиња, видело дека полицијата и персоналот од возилото на итна помош одвај успеале да го извадат возачот и го држеле за да може да стои на нозете. Бил ќор пијан и издрогиран, ќутук. Извештајот за брзината на возење и за трагите од кочењето, како и резултатот од алкотестот мистериозно исчезнале… Јасно ми е, господине Давидов дека и за тоа ништо не знаете, ништо не сте слушнале, нели?…

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе